Како да се заштити демократијата сама од себе?

Сподели со своите пријатели

Во осумнаесеттиот век, во ерата на просветителството, кога се удрени темелите на интелектуалната и идеолошката модерна демократија и кога човечкиот ум почнал да се спротивставува на вековните слоеви на клерикализмот, голема надеж е положена во спасоносната моќ на разумот. Се поаѓало од претпоставка дека човекот е разумно суштество, дека со ослободување на потисната креативност, ќе се создаде подобар свет, дека народот не може да погреши кога ќе стекне право на глас на слободни избори и дека поголем дел на населението на најдобар можен начин ќе ги препознае интересите на општеството.

Би било цинично и погрешно да се тврди дека бранот на универзално ослободување во текот на 19-от век не донесе напредок, згора на тоа, напредокот бил спектакуларен и ја потврдил тезата дека човекот е суштество на разумот.

Првата светска војна драматично ги уништи илузиите, но првата голема и фатална пукнатина во тезата за непогрешливоста на народот се одржала во есента 1932 година кога на последните слободни избори, нацистичката партија добила преку 33% гласови. Преку 11 милиони луѓе гласаа за Хитлер. По 1945 година, јасна причина за доаѓањето на нацистите на власт тој период била економската криза и заводливата пропаганда.

Но нешто недостасува во ова толкување. На пример одговорот на прашањето зошто некој спасот од невработеноста и сиромаштијата, го гледа во прогонот на Евреите, омразата на Словените или кон западниот либерализам.

Нема ни одговор на прашањето која количина на глупавост е потребна да се поверува во ораторска импровизација на еден манијак со смешни мустаќи? Можеби, пак, тие 11 милиони луѓе го сакале токму она што нацистите им нуделе: понижување, дискриминација и страдање на другите. Можеби е излишна огромната библиотека на историски, економски и социолошки анализи на причините за подемот на нацистичката власт? Можеби народот стоеше зад старите и баналните елементи на човековата природа: глупавоста и злото.

На неодамнешниот референдум за напуштање на Велика Британија од Европската Унија, уште еднаш се докажа дека ниту политичката култура, ниту демократската традиција не се гаранција дека може да се заштити општеството од деструктивниот импулс на електоратот. Брексит сам по себе не е само пресвртна точка за Велика Британија и Европа, тој би можел да биде и пресвртница за историјата на самата демократија. Пресвртот секако ќе се случи највеќе ако на американските избори победи Доналд Трамп или можеби веќе дошло до пресвртница со самиот факт што личност како него е дојдена до самиот финиш.

Демократијата е поредок кој може да гарантира мир, напредок и слобода, исклучиво ако основата е рационализмот и неприкосновеноста на судбината на секој поединец. Ако се сведува само на ирационални процедури и на грабливи идеологии, ќе ја изгуби целта и содржината и ќе стане сопствена спротивност. Тоа е голем предизвик за демократијата и од него зависи иднината на нашата цивилизација. Демократијата сè уште нема одговор како ќе се заштити од самата себе и како од самиот демос ќе ја спаси својата рационалистичка и слободарска суштина.

Заеднички презир за живот и слобода

Суштинската разлика меѓу терористите што се самоубиваат и милионите кои во разни униформи во последниве сто години се имаат убивано во светот во име на сите видови на илузии, всушност не постои. Заеднички им е презирот за својот живот и својата слобода. Овде не мислам за лица што се присилно мобилизирани да одат во војна, туку за оние кои со задоволство имаат војувано.

Дека недостатокот на самодоверба и потреба за жртва, глупавоста и злото се неделив дел од човечкото однесување, е видливо само во политичкиот идиотизам и во тероризмот. Луѓето ја уништуваат својата, но и егзистенцијата на другите. Се уценуваат меѓусебно емотивно, морално и финансиски, подигаат кредити кои не можат да ги вратат, прекумерно пијат или воопшто не пијат, возат премногу брзо, живеат во некој лажен патриотизам и лажен морал и на сите тие злосторства потклекнуваат со неверојатна леснотија.

Она што почна да ни се случува прво на политички, а потоа што продолжи да ни се случува на општествен план генерално, во изминативе 7/8 години, има механика на хемотерапија. Хемотерапијата е во суштина отров. Логиката е дека болеста ќе биде убиена пред тоа да му се случи на пациентот. Двајцата не можат да преживеат. Во последните метри до финишот остана да се надеваме дека Македонија (во улога на пациент) е посилна, сепак, од македонската верзија на вулгарниот балкански популизам (овде во улога на хемотерапија).

Пишува: Емил Ташевски – Дипломиран инженер по Информатика