Кабинетот на Груевски потрошил 38 милиони евра за пропаганда и кампањи

Сподели со своите пријатели

За осум од 11 години владеење, кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски за кампањи и пропаганда во домашните медиуми потрошил 38 милиони евра државни пари, соопшти денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Се уште не се знае колку средства на граѓаните се потрошени за оваа намена во 2006, 2007 и 2016-та, зашто документите од овие години се уште не се најдени.

Како што нагласи Бошњаковски, нејасни се критериумите како се префрлани парите и веројатно сумата е многу поголема со оглед дека не се пресметани средствата за кампањите на одделни министерства.

– Станува збор за кампањите за трето дете,  против абортус, Истражи ја Македонија, денови на идеи, на дрво, на храна,…, а овие 38 милиони евра ја покриваат само медиумската индустрија на кабинетот на Груевски. Граѓаните практично сами ја плаќале пропагандата која се вршела врз нив, рече Бошњаковски.

Најмногу, 23 милиони евра, се за реклами во електронски медиуми, 15 милиони евра се потрошени за кампањи на неколку маркетинг агенции и за огласи во неколку печатени медиуми, а 200.000 евра отишле за истражување на јавното мислење.

Извесна телевизија „11“ добила, како што информира Бошњаковски, седум милиони евра.

– Медиумите кои земале одредени суми за пропаганда и кампањи засега се дефинирани во шифри и нема да се соопштат, меѓу другото и поради тоа што веќе почнува кампањата за локалните избори, појасни портпаролот и укажа на невообичаени совпаѓања.

На 24 декември 2008 година само во еден ден се префрлени 2,125 милиони евра на неколку национални телевизии. Постои ставка – ангажман на консултант за еден месец кој е платен 30.00 евра.

– Некои национални телевизии биле плаќани многу повеќе од другите. Критериум не постоел, а тоа е јасно со појавата на нова телевизија со национална концесија во 2012 година или телевизија со шифра 33 која во втората година од функционирањето добила половина милион евра од Владата на никола Груевски напсроти телевизија која долги години работи со национална концесија, а добила само 22.000 евра. Разликата се 480.000 евра, подвлече Бошњаковски.

Недоследности во распределбата на парите се забележуваат и кон регионалните и локалните телевизии.

– По промената на сопственичката структура, во 2012/2014 година, тие одеднаш почнуваат да добиваат знаително повисоки суми за закуп на рекламно време. Претходно или воопшто не добивале или добивале максимум 100 евра месечно, а сега почнуваат да добиваат договори вредни 15.000 евра, предочи владиниот портпарол.

Бошњаковски потенцира дека новата Влада во целост ја прекина оваа негативна појава и повеќе нема да дозволи, ниту некогаш ќе биде најголем маркетинг огласувач во земјава, потенцира портпаролот.

Одговорајќи на новинарски прашања, рече дека Основното јавно обвинителство ќе процени што треба да се преземе околу натамошната правна процедура. – Наше беше да ги најдеме овие материјали. Се работеше за голем број докумети, фасцикли. Во моментов ги изнесуваме сите овие информации пред македонската јавност. Постојат одредени нелогичности за кои дефинитивно постои простор ОЈО да се произнесе, истакна Бошњаковски.

Извор: МИА

Loading...