Јубилејни признанија по повод 70 години постоење на Црвен крст на Град Скопје

Сподели со своите пријатели

Во рамките на одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Црвен крст на Град Скопје, вчеравечер во театарот „Комедија“ беа доделени јубилејни признанија на лица за посебно залагање и допринос во хуманитарната работа.

Loading...

На градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, свечено му беше врачено јубилејното признание – златен знак за долгодишната соработка и залагање. Јубилејни признанија добија и Ариф Мохамед, шефот на канцеларијата на УНХЦР, Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“, Саит Саити, почесен претседател на Црвениот крст и на волонтерот Дејан Стојковски.

– Седум децении успешна мисија, седумдесет години работа врз основа на универзалните принципи, за промовирање мир и толеранција, превенција и навремена и соодветна поддршка за ранливото население. Преку бројни активности за помагање на најранливите категории граѓани, едукации на младите, но и возрасните, па се до големи хуманитарни акции, Црвениот крст го трасираше својот пат кон хуманоста и ја стекна довербата на граѓаните. Сите ние сме особено горди на оваа организација која секогаш е присутна во областите во кои најдобро делува, а тоа се солидарноста, хуманитарноста, подигнувањето на индивидуалното чувство за одговорност и преку личен пример поттикнува на акција. Оваа организација настојува да им пружи помош и заштита на сите оние кои страдаат, во наша близина или некаде подалеку, при тоа секогаш водена од нејзините хумани идеали кои наоѓаат свој конкретен израз во делата. Ние и понатаму заеднички ќе продолжиме да ги следиме вистинските потреби на граѓаните, ќе работиме на подигање на свеста на граѓаните и на зголемување на сензитивноста, разбирањето, почитувањето на различните од себе и меѓусебното помагање и поттикнување луѓето да дејствуваат хумано, истакна Трајановски.

На сите вработени и активисти на Црвениот крст на Град Скопје и на Црвениот крст на Република Македонија, градоначалникот на Град Скопје им посака големи успеси во понатамошната работа на промовирање и унапредување на хуманоста и почитување на хуманитарните принципи како и досега.

Извор: Нетпрес


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.