Јелена Розга, лудило мозга!

Сподели со своите пријатели

Пред само недела дена во Македонија имаше два настана во два различни града.

Првиот – Д- Фестивал во Дојран со одлични изведувачи и диџеи. Фестивал со три стејџа, на секој различна музика. На фестивалот беа гости групи како Дубиоза Колектив, Хладно Пиво, Фолтин, но и светски ДЏ-и како Роџер Санчез. На едниот од стејџовите имаше техно забава до раните утрински часови. На фестивалот од ваков тип, луѓе мои, во некоја земја со вистински вредности, ќе се бара карта повеќе. Во нашата, едвај 3000 луѓе.

Другиот се одржа во Прилеп. На познатиот Пиво Фест главни ѕвезди беа Аца Лукас и Рада Манојловиќ. На концертот на оваа вторава, по проценка од организаторот, имало околу 30.000 луѓе. Добро прочитавте. 30 000. Жална моја Македонијо. Плус директен пренос на една македонска национална телевизија.

И сега, па што е проблемот овде, па луѓето само се забавуваат, па за вкусовите не се разговара, и така натаму истите коментари. Само она дека „наведната глава сабја не ја сече“ има направено повеќе штета од „за вкусовите не се разговара“. Напротив, разговорот за тоа што е добро, што е чесно, што е благородно, што е убаво и што е чисто, е единствениот разговор кој вреди да се има. Не дека со елиминација преку ноќ на оваа, не само музика туку супкултура, нешто значајно би се сменило. Овде разговараме за тоа дека овој начин на живот е само симптом на она што е наш најширок и најдлабок проблем. Социјалните мрежи и опсесивното објавување слики, на пример, исфрли на површина група на луѓе која живее за да се слика по кафеани. Не дека одењето по кафеани е лошо, ама тоа е само еден убав елемент.  Во кафеана одиш по напорен работен ден, во кој си сработил нешто значајно или си одработил вредно и чесно. Пивото по таков ден има поубав вкус, ако верувате. На кафе одиш за да направиш пауза во средината на работниот ден. Треба да има смисла за да има убавина. Одењето во кафеана не е и никогаш нема да биде цел сама за себе.

Верувам дека по извесно време ќе стане јасно дека не можат сите да добијат на лото, или да победат на „Ѕвезде Гранда“. Значи, сите не можете да станете пејачи затоа што за да биде некој пејач, мора да има публика, а ако се сите пејачи, нема публика. Проблем.

Во денешното „изместено“ време, како што може често пати да се прочита по социјалните мрежи, кратците се нарекуваат „тајкуни“, проститутките – „старлети“, недоучените – „експерти“. И многу други заменски форми кои се употребуваат, се чини дека се во функција на докажување на спротивното – ништо не смее и не може да биде навистина нормално, туку ненормалното станува нормално. И како во таков „амбиент“ да се биде нормален, да се промовираат вистинските вредности? Нема друго освен да се биде (не)нормален, (не)сакајќи да се приклучиш на најниското скалило на вредностите. Тоа полека преминува во судбина-македонска. Или како што кажал Жорж Фејдо, сите мани кога се во мода, стануваат доблести. Сè почесто индивидуата се трансформира и станува сенка преку ден, а тишина во ноќта. За неа, идеалите одамна се деградирани во идеи, а идеите, за жал, се станати избор, најчесто наметнат и без вредност. Лоши времиња за убави приказни или лоши луѓе за подобри времиња – како сакате.

Декултурацијата на македонското население е процес на кретенизација на луѓето, во кој режимот им ги уништува институциите на културата и образованието, им ја чипира меморијата и им го растура идентитетот, им ги изопачува системите на вредности и ги претвора во дезориентирано стадо на политички идиоти, за кои врвот на политичкото размислување е некаде помеѓу „сите се исти“ и „мене не ме интересира политика“. Да кажеш дека не те интересира политика е храбра изјава, крајно глупава, но сепак храбра. Да не те интересира политика значи да не те интересира како се трошат парите кои секој месец државата ти ги зема без да можеш да се буниш, да не те интересира дека екстерното тестирање  изложува десетгодишни деца на апсолутно непотребен стрес, а нивните родители на антидепресиви, значи дека не ти е гајле што родилки умираат како да сме земја од третиот свет и на крај, значи дека не ти е гајле што добар дел од луѓето со кои си израснал , што другари , што фамилија, повеќе не се овде. А овде е дома.

Ве убедувам, дури ако е потребно и Ве молам, да го преземете ризикот со тоа што ќе размислувате за себе. Многу попаметни од мене кажале дека така ќе дојдете до многу повеќе мудрост, убавина и среќа. Бидете и арогантни ако сакате. Ароганцијата не секогаш е лоша. На пример, од арогантна позиција многу брзо ќе дојдете до заклучокот дека не може Рада Манојловиќ  да Ви продава памет.

П.С. Од друга страна, постои шанса Аца Лукас да е генијалец, плус некој треба да провери дали може да биде кандидат за Гинис. Типот има напишано хит во кој темата е документ за лична идентификација. Да се подразмислиш.

П.С.С. Аца Лукас не е генијалец, не се секирајте.

Пишува: Емил Ташевски

[wpdevart_like_box profile_id=”1414421878780055″ connections=”show” width=”300″ height=”550″ header=”big” cover_photo=”show” locale=”en_US”]

Loading...