Кумановските пожарникари вчера интервенирале на 15 локации каде беснееле пожари од различни размери, а утринава активен е само оној во селото Бељаковце, на потегот кон Довезенце.
Како што вели Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи, интересно е што вчера во еден момент имало дури осум активни пожари за само 45 минути.
– Активен е пожарот во Бељаковце. Интересно е што вчера во еден момент од 45 минути имаше осум активни пожари во Куманово, сите седум се ликвидирани остана овој во село Бељаковце. Испратени се луѓе од Армијата и ТППЕ Куманово, вклучени вработени од јавните претпријатија, секако очекуваме и овој пожар да биде ставен под контрола во текот на денот, рече Стојановски на прес конференцијата во Скопје.
Како што додаде Стојановски вчера била вршена евакуација на мештани од селата Зубовце, Јачинце, Довезенце и Четирце.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи вчера во период од 07:00 до 11:40 часот четворица пожарникари интервенирале во селото Јачинце.
Во 11,55 интервенирано е во атарот на с.Довезенце на опожарена сува трева и нискостеблести растенија. На терен излегле тројца пожарникари, пожарот е локализиран а екипата се вратила дури во 02:10 часот по полноќ.
Делувано е и во атарот на селото Орашац на опожарена сува трева во период од 13:50 до 15:40 со тројца пожарникари.
-Во селото Зубовце пожарникарите интервенирале на опожарена сува трева каде се опожарени 7 куќи. Пожарникарите дејствувале во период од 14:25 до 01:10 часот по полноќ.
Алармантно во кумановско: Осум нови пожари, изгорени повеќе куќи (ГАЛЕРИЈА)
Во селото Сопот е опожарена штала, во атарот на селото Четирце од стрниште пожарот се проширил и зафатил една штала и куќа , а изгорени се повеќе грла добиток, 6 крави, ,3 телиња и 2 свињи ,интервенирано со две противпожарни возил и 10 пожарникари пожарот е локализиран и завршен во 19,15 часот.
Во селото Клечовце шестмина пожарникари интервенирале на запалена сува трева, како и во Агино село, населбата Перо Чичо, како и селата Табановце и Романовце.
Никола Ивановски

