Поради сушата во Италија, особено во нејзиниот северен дел, состојбата е многу загрижувачка. И иако сѐ уште има вода за пиење, алармот е вклучен во земјоделскиот сектор кој трпи загуби, што ќе влијае на потрошувачите и на нивната куповна моќ.
Со 60 отсто помалку врнежи во споредба со просекот за овој период од годината и со температури за два степени повисоки од претходните години, во Италија се случува нешто што земјоделците го нарекуваат „драматична комбинација со големи последици“.
Штетата од сушата може да достигне шест милијарди евра, што значи 10 отсто помалку од вредноста на земјоделското производство на национално ниво.
Умберто Бертолаци, директор на фирмата „Колдирети“ во Милано, вели дека ова е најголемата суша во последните 70 години, а ја проценуваат и штетата на земјоделското производство.
„Суровините ќе бидат помалку достапни. Нема да има доволно млеко или млечни производи. Без доволно сточна храна, ќе има и намалување на стадата”, предупредува Бертолаци.
Тој додава дека Ломбардија, која има големи езера како Комо и Гарда, од декември е зафатена со суша и затоа езерата се полни само 30 отсто, поради што најмногу трпи земјоделството, а потоа другите сектори.
Жетвата на пченицата во Италија ќе биде помала за 30 отсто, а пченката за 50 отсто бидејќи од сушите е најпогоден северот на земјата, каде што се одгледуваат 90 отсто пченка и ориз.
Маслиново масло – берба и цени
Кога станува збор за маслиновото масло, се очекува намалување на производството за 40 проценти. Нивите каде што се одгледува овошје и зеленчук практично беа опожарени, што ја намали жетвата за 70 отсто.
Жештината и сушата ги погодуваат и животните: кравите пијат и до 140 литри вода дневно, што е двојно повеќе во споредба со претходните години.
Кравите, пак, даваат 20 отсто помалку млеко, што ќе доведе до поскапување на млекото за околу 15 отсто.
„Во моментов високата инфлација, сушите и горештините ќе доведат до намалување на куповната моќ од есен. Луѓето ќе треба да избираат поевтини производи. Прво, помалку ќе трошат за облека, потоа за ресторани и кафулиња, па потоа ќе почнат заштеда и на храна. Состојбата понатаму зависи од политичкото, но и од финансирањето на земјоделството“, објаснува Умберто Бертолаци.
Војна, зголемени цени и затворање фарми
Комплицираната ситуација, и онака тешка поради војната во Украина, во Италија доведува до пораст на цените за околу 9,6 отсто.
Овошјето и зеленчукот ќе ги чинат Италијанците 1,97 милијарди повеќе, лебот и тестенините 1,65 милијарди, а месото и саламата 1,54 милијарди повеќе од лани.
Една од десет фарми се затвора, додека 30 отсто од нив работат со загуба.
Цената на ѓубривата е зголемена за 170 отсто, за 90 отсто за хранење и хранење на добитокот, а за 129 отсто за бензинот.
Владата на премиерот Марио Драги со декретот за суша одвои 36,5 милиони евра за земјоделскиот сектор.
Сепак, падот на Владата денеска доведува до загриженост за иднината во сите сектори.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.