Иран во петокот изјави дека дијалогот со САД за нуклеарната програма на Техеран е „бесмислен“ по најголемиот воен напад на Израел врз неговиот долгогодишен непријател досега, обвинувајќи го Вашингтон за поддршка на нападот.
„Другата страна (САД) дејствуваше на начин што го прави дијалогот бесмислен. Не можете да тврдите дека преговарате, а во исто време да му дозволите на израелскиот ционистички режим да ја таргетира иранската територија“, изјави полуофицијалната новинска агенција Тасним, цитирајќи го портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, според Хина.
Тој рече дека Израел „успеал да влијае“ на дипломатскиот процес и дека израелскиот напад немаше да се случи без одобрение од Вашингтон.
Иран претходно ги обвини САД за учество во израелските напади, но Вашингтон ги отфрли обвинувањата, велејќи му на Техеран во Советот за безбедност на ОН дека би било „мудро“ да преговара за неговата нуклеарна програма.
Шестата рунда нуклеарни разговори меѓу САД и Иран требаше да се одржи во недела во Мускат, но сега е нејасно дали тие ќе се одржат по израелските напади.
Иран негира дека неговата програма за збогатување ураниум служи за било што друго освен за цивилни цели, отфрлајќи ги израелските обвинувања дека тајно развива нуклеарно оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп за Ројтерс изјави дека тој и неговиот тим знаеле дека ќе следат израелски напади, но сепак гледаат многу простор за меѓусебен договор.