Новиот мировен предлог на Иран нуди крај на блокадата на Ормутскиот теснец, но не ја споменува неговата нуклеарна програма, изјавија двајца регионални претставници запознаени со мировниот предлог под услов да останат анонимни.
Иран, исто така, бара САД да ја укинат блокадата на земјата како дел од својот предлог, додаваат тие.
Американскиот претседател Доналд Трамп веројатно нема да го прифати новиот предлог, кој на САД им беше пренесен од Пакистан, бидејќи сака да стави крај на иранската нуклеарна програма како дел од севкупниот договор за повторно отворање на Ормускиот теснец и примирјето да стане трајно, јавува Асошиетед прес (АП).
„Ние ги држиме сите карти. Ако сакаат да разговараат, можат да дојдат кај нас или да ни се јават“, изјави Трамп во неделата за Фокс њуз.
Иранската државна новинска агенција ИРНА објави дека министерот за надворешни работи Абас Арагчи утринава слета во Санкт Петербург, каде што треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Неговото викенд патување вклучуваше две постојки во Пакистан и посета на Оман, кој го дели теснецот со Иран.
„Ова е добра можност да се консултираме со нашите руски пријатели за случувањата поврзани со војната во овој период и што се случува сега“, рече Арагчи во видео интервјуто објавено од ИРНА.
Во текот на викендот, обидот на Пакистан да ги врати САД и Иран на преговарачка маса беше спречен, бидејќи Арагчи го напушти Пакистан пред да дојде американската делегација.
Трамп одговорил дека можат да ги поканат доколку сакаат да разговараат, бидејќи на патувањата се потрошени многу пари и време.
Арагчи рече дека американскиот пристап „предизвикал одложување на преговорите“.

