Институциите заспани – двата бегалски центри ги оставија без греење на минус температури

Сподели со своите пријатели

Граѓанските активисти и невладините организации кои месеци наназад работат со згрижување на бегалците во двата прифатни центри на Гевгелија и Табановце, со реакција на социјалната мрежа Фејсбук, се огласија поради како што велат, тешките и мизерни услови за работа, во услови кога на минус температури, работат без греење, но и пречекуваат по две илјади бегалци дневно во ладни простории.

Loading...

Невладиниот активист Јасмин Реџепи од НВО “Легис”, на својот Фејсбук профил постави коментар токму за условите во двата центри, велејќи дека таму не е ладно само за бегалците и за активистите, но и за лекарите, полицајците и војниците.

Се чудам, со кој памет европјаните инсистираат да задржиме илјадници бегалци во земјава?

Во Гевгелија и на Табановце е толку неиздржливо ладно за сите нас здрави, нахранети, облечени и наспани волонтери, активисти, лекари, полицајци и војници, а камо ли за гладните, настинати, ненаспани и слабо облечени бегалци!

Не постои место каде без тресење од студ ќе седнат, одморат, јадат или легнат да дремнат за час, а камо ли за повеќе. Нема топли места на Табановце и Гевгелија ни за нив ни за нас.

Ме прашува денес еден постар Ирачанец: – Никаде ли нема греење? Барем за децата, барем дури да престанат да се тресат, а и бабичката ми е болна од нозете.

– Само за децата има – реков – во шаторите на УНИЦЕФ, ене онаму. А за мене и за вас нема.
– А ќе се згрееме ли барем во возот? – праша со очи полни со надеж.
– Се надевам… – изустив и го спуштив погледот од срам, не сакајќи да погледнам уште едно тажно и измрзнато лице без надеж за потопла вечер – … но како и да е, ви посакувам среќен пат, Бог нека ве чува и поздравете во Европа ако прашаат за нас! – со шега избегав од темата.
– Благодарам синко, Бог нека ве благослови, па и ако не нè прашаат за вас, ние ќе им кажеме! – ми врати со насмевка.

Loading...

Е тоа е нашиот срам. Надлежните институции се изненадени од зимата во декември, а камо ли да се способни да држат бегалци со месеци, напиша Реџепи. 

Според активистот на НВО “Легис”, прашање е дали надлежните институции ќе продолжат со зимскиот сон или ќе успеат да постават алтернативно греење дур да ја средат електрична енергија за грејните тела пред да ја добијат првата жртва од хипотермија.