Граѓаните на Куманово на едно место ќе добиваат услуги од повеќе институции (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Трибина на тема „Дигитализација на јавните услуги“ денеска се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.

Loading...

Целта на трибината е да се презентира целиот пакет со услуги кои граѓани можат да ги добиваат по електронски пат од страна на институциите на државно и локално ниво.

Како што рече министерот Дамјан Манчевски, освен порталот за електронски услуги uslugi.gov.mk, во тој пакет спаѓаат и електронскиот регистар на население, системот за единствена најава, електронски систем за водење управни постапки и низа други делови од системот.

– Многу ни е важно да имаме тука соработка и со локалната самоуправа и општините, затоа што претставува можност и за нив. Без програмирање, вложување во дополнителни ИТ, човечки и технички ресурси и тие да можат да даваат услуги. Овие трибини се наменети и граѓаните да сфатат како можат да добиваат полесно електронски услуги, но и институциите како можат полесно да нудат електронски услуги, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Loading...

Тој ја потенцираше добрата соработка со Општина Куманово, која на министерството му отстапи простории за „Сала за една точка на услуги“.

– Покрај електронска форма, услугите од најмалку девет различни институции ќе ги нудиме на едно место, како едношалтерски систем токму од тука, така што да речеме покрај електронскиот, не го забораваме и класичниот дел, но да биде полесен и поедноставен за граѓаните полесно да добиваат услуги и да бидат позадоволни од она што го добиваат од институциите, појасни министерот Манчевски.

Сепак, некои услуги и натаму ќе останат да се извршуваат физички, појасни министерот, посочувајќи дека наскоро ќе може електронски да се поднесат документи за лична карта, но истата ќе мора на крајот да се подигне физички.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, смета дека со ваквиот проект ќе се надминат поголем број биократски постапки во делот на издавање на документи од државните органи.

– Мора да констатирам дека се соочуваме со сериозни проблеми, во делот на она што значи давање сервис на граѓаните и на еден ваков усовршен систем ќе го унапредиме и нашиот начин на работа, а тоа значи дополнителна едукација на вработените, кадарот кој работи во општината, а особено го поздравувам потегот што заедно го сработивме со министерството за отварање просторија која ќе се користи како едношалтерски систем за давање повеќе услуги и како едно биро за информирање на граѓаните од повеќе области, истакна Димитриевски.

Loading...

Едношалтерскиот систем на МИОА ќе биде лоциран во Занаетчискиот дом до некогашната берберница „Боро Менков“.

Освен министерот Манчевски и градоначалникот Димитриевски, на трибината свое излагање имаше и Марија Крстевска од „Центар за интеркултурен дијалог“, во име на невладиниот сектор од градот.

Leave a Reply