Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес потврди дека германската влада сè уште го поддржува решението за две држави во израелско-палестинскиот конфликт и истакна дека за Германија „признавањето на палестинската држава доаѓа само на крајот од процесот“.
Вадефул потсети дека процесот мора да се постигне преку преговори и дека не треба да има политика што би можела да предизвика пречки во таа насока.
„Патот кон договор, компромис и преговори останува тежок, но Германија го поддржува“, рече Вадефул, според „Шпигел“.
Тој истакна дека, две години по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, сè уште нема излез од конфликтот.
„На регионот сега му е потребен итен прекин на огнот, значително поголема хуманитарна помош за луѓето од Газа и итно, безусловно ослободување на заложниците“, рече германскиот министер за надворешни работи.
Тој повторно ја осуди сегашната израелска офанзива во Газа, нарекувајќи ја „целосно погрешен пат“.
Вадефул предупреди дека секој обид за нелегално анектирање на окупираните територии дополнително ги поткопува шансите за трајно решение на конфликтот.
„Договорено решение засновано на моделот на две држави е патот што може да им овозможи на Израелците и Палестинците да живеат во мир, безбедност и достоинство“, нагласи тој.
Денес, Вадефул ќе учествува на меѓународната конференција во ОН во Њујорк, организирана од Франција и Саудиска Арабија, со цел зајакнување на решението за две држави меѓу Израел и Палестинците.
Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија објавија во неделата дека ќе признаат палестинска држава, изразувајќи надеж за решение за две држави и мирен соживот меѓу Израел и палестинска држава во иднина.
Франција, заедно со Саудиска Арабија, денес ќе организира самит на маргините на Генералното собрание на ОН, каде што францускиот претседател Емануел Макрон и претставници на други земји официјално ќе го објават своето признавање на палестинската држава.