Владата во Берлин има намера да ја олесни промената на полот во официјалните документи.
Планот е да им се овозможи тоа на граѓаните над 14 години – еднаш годишно.
Германија ќе ја намали бирократската процедура потребна за промена на имињата и полот на официјалните документи, според планот што го обелодени владата со кој ќе се укине контроверзниот закон од 1980 година со кој се регулира процесот, пишува Ројтерс.
Според планот претставен од министерот за правда Марко Бушман и министерката за семејство Лиза Паус, трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица (сеопфатна категорија за родови идентитети кои не се исклучиво машки или женски) ќе можат да ги менуваат нивните податоци во иднина – само со одење до регистраторот.
Тоа значи дека повеќе нема да имаат потреба од лекарско уверение, ниту ќе мора да поминат низ често долг и скап судски процес во кој полот на една личност го оценуваат двајца вештаци и судија.
„Сегашниот закон ги третира овие луѓе како да се болни. Нема оправдување за ова“, објави во изјавата министерот за правда Марко Бушман.
Министерката за семејни прашања Лиза Паус го опиша сегашниот закон за трансродови како „понижувачки“.
Сега конечно ќе го укинеме и ќе го замениме со модерен закон за самоопределување“, рече Паус.
Во обид да се заштитат младите, новиот закон треба да им овозможи на граѓаните постари од 14 години сами да регистрираат ново име и пол, но судот би можел да ги поништи тие промени доколку нивните родители не ги поддржат.
Според германските медиуми, името и полот во официјалните документи ќе може да се менуваат еднаш годишно, за да се обезбеди сериозно да се сфати желбата за промени.