Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја зголеми моќта во новиот состав на Европската комисија, пишуваат западните медиуми.
Еден од нејзините најжестоки критичари, францускиот комесар за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, поднесе оставка од Европската комисија откако јавно го осуди својот сега веќе поранешен шеф за нејзиното „сомнително управување“.
Бретон го критикуваше шефот на Европската комисија за фаворизирање, за кампања за функцијата претседател на ЕК и за недостатокот на поддршка во сопствената политичка партија.
Фон дер Лајен се ослободи од него пред почетокот на нејзиниот втор мандат како претседател на Европската комисија. Од неколкуте европски комесари кои беа најстроги кон Фон дер Лајен, не остана ниту еден.
Во таа група беа вклучени шефот за надворешна политика на блокот Жозеп Борел, комесарот за вработување и социјални права Николас Шмит, комесарот за економија Паоло Џентилони и Франс Тимерманс, социјалист кој беше одговорен за климатската политика во Европската комисија.
Сите ја напуштија ЕК од различни причини, а Фон дер Лајен може безбедно да влезе во вториот мандат, знаејќи дека нејзините критичари „веќе се надвор“, се наведува во написот.
Сепак, формирањето на Европската комисија се уште се соочува со тешкотии.
За да се одржи „родовата еднаквост“, Фон дер Лајен мора да ги замени машките кандидати со кандидати од Романија и Словенија.
Рокот за ова беше 31 август, кој веќе помина, но првиот човек на ЕК се уште инсистира Комисијата да почне со работа на 1 ноември.
Предложениот состав на ЕК мора да биде одобрен од Европскиот парламент.
Некои европратеници, дипломати и претставници на ЕУ веруваат дека Фон дер Лајен се обидува да ги свитка земјите-членки на ЕУ на своја волја.
Еден дипломат на ЕУ се пожали дека Фон дер Лајен „ја оштетува Европа со рекордна брзина“.