Филипов: Меркел побара дискреција и брзо решение за името

Сподели со своите пријатели

Канцеларката Ангела Меркел од заедничката прес-конфернција во Берлин со македонскиот премиер Зоран Заев упати пораки на охрабрување до двете засегнати страни, македонија и Грција, да го решат прашањето за името, смета поранешниот амбасадор на Република Македонија во Германија Ѓорѓи Филипов.

– Меркел ги охрабри двете земји да ги доведат преговорите до решение, кажувајќи дека разговарала и со грчкиот премиер Ципрас. И тој и Заев и рекле дека е можно наоѓање на решение. Меркел строго, но многу јасно потенцира дека преговорите или разговорите се водат премногу јавно, со што се ремети преговарчкиот процес давајќи им прилика на противниците на разговорите и на наоѓањето на решение од двата табора да го сопираат или да го насочуваат во погрешен правец, вели Филипов.

Тој појаснува дека „нејзиниот став кој беше изразен повеќе како општа констатација за водење на преговори отколку како дирекнта „критика” кон двајцата шефови на влади, треба да вроди со плод и да даде резултати до мај годинава, за да можат оперативно да се спроведат некои чекори од евро-атланското приближување на РМ.

Притоа, според него, таа не заборави, по кој знае кој пат, да потсети дека „компромисот што ќе се постигне ќе биде подеднакво болен за двете страни”.

– И, тоа не е така заради Македонија и Грција, тука заради законите на преговарање што мора да се почитуваат доколку се сака да се изнајде решение за одредено прашање со преговори. На прес-конференцијата таа кажа дека таквото место (прес-конференција) не е место на кое би требало да се откриваат детали од преговорите, за кои, ете после  толку време, можно е нешто и вистинско да се случи. Притоа нагласи дека „брзањето” и „работа под притисок”  не се гаранција за изнаоѓање на најпогодно решение, вели Филипов во коментар за МИА.

Смета дека Берлин не е инволвиран во решавањето на спорот за името.

– Не сметам дека Германија „зад кулисите” игра одредена улога. Таа ја игра улогата отворено, како што видовме, се разбира имајќи свесност за реалниот распоред на нештата и земајќи ги предвид интересите на двете земји, особено дека едната земја (Грција) е членка на двете организации, каде што другата членка (Македонија), сака да влезе, и каде што важат принципите на комплетна согласност на сите веќе постоечки членки, за влез на членките аспиранти. Би додал само дека како и досега Меркел го употребуваше името Македонија и придавката македонски, а овој пат, на прес-конференцијата, тоа го повтори невообичаено голем број пати, па некои од присутните се прашуваа дали тоа евентуално нешто значи, подвлекува амбасадорот Филипов.

Според она што тој имал можност да ги прегледа реакциите, а и од реакциите на негови пријатели од Грција посетата на Заев, неговите изјави и изјавите на канцеларката Меркел се позитивно прифатени и влеваат надеж дека е можно нешто вистинско да се случи.

– Тука ја додавам и свесноста дека ниту едно екстремно барање на било која од страните нема да биде прифатено од спротивната страна и дека и двете страни еднакво ќе жалат и еднакво ќе се радуваат на евентуалното решение на спорот, наведува Филипов.

Инаку, средбата на премиерот Зоран Заев со сојузната кацеларка Ангела Меркел, вели, очигледно, поминала во срдечна и искрена атмосфера, на која биле разменети мислења по многу прашања, а најмногу внимание покрај изгледите за зачленување на Македонија во НАТО, односно отпочнување на преговорите со ЕУ, и било дадено на економската соработка.

Германија, нагласува Филипов, е најважен економски партнер на РМ со размена од 3.155 милијарди евра, а речиси 60 отсто од вкупниот извоз на Македонија во ЕУ е извоз во Германија. Секако дека улогата на Германија во Европската централна банка, во Светската банка и во ММФ е голема, оттаму и надворешната финансиска кредитна поддршка на земјата зависи многу и од оваа земја. Самите случувања со најновите позајмувања на РМ од надворешни извори, посочува тој, говорат дека РМ повторно добива поткрепа на овој план. Меркел го нагласила значењето на Берлинскиот процес за целиот регион на Западен Балкан, првенствено од економска, а потоа и од  политичка гледна точка.

– Сметам дека посетата ќе придонесе за забрзување на некои процеси околу одобрување на средствата за економска поддршка на проекти од значење за Македонија и соседите, како што е на пример автопатот и пругата со Бугарија и сличните врски со Албанија, како и довршување на комплетното поврзување со автопат помеѓу Македонија и Србија и Македонија и Грција. Меркел призна дека до исплатата на средствата се доцни поради бавната администрација на проектите во Брисел, вели во изјавата за МИА амбасадорот Ѓорѓи Филипов./MIA

Leave a Reply