Европската унија денеска апелираше тензиите околу посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, да се решат преку дијалог и каналите за комуникација со Кина да останат отворени, за да се избегне „опасноста што може да произлезе од погрешна проценка“.
„ЕУ има интерес да го зачува мирот и статус квото во Тајванскиот теснец. Ние се залагаме за мирно решавање на проблемот со теснецот. Тензиите треба да се решаваат со дијалог. Треба да се одржуваат соодветни канали за комуникација со цел да се намалат ризиците од погрешно проценување“, рече портпаролот на ЕУ, според Ројтерс.
Портпаролот на Европската комисија изјави дека „ЕУ јасно го поддржува политичкиот принцип на една Кина, признавајќи ја владата на Народна Република Кина како единствена легална влада на таа земја, а во исто време се стреми кон пријателски односи и блиска соработка со Тајван“, наведува британската агенција.
Кина оцени дека посетата на Пелоси на Тајван е закана за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и најави прекин на увозот на неколку земјоделски производи од Тајван.
Набргу по пристигнувањето на Пелоси во Тајпеј, кинеската војска започна воздушни и поморски воени вежби во близина на Тајван и пробно лансирање на конвенционални ракети во морето источно од тој остров, наведува британската агенција.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.