Јавниот долг на еврозоната на крајот на вториот квартал изнесуваше 94,2 отсто од БДП, што е намалување во однос на крајот на првиот квартал кога изнесуваше 95,2 отсто.
На ниво на целата Европска унија долгот е значително помал и на крајот на јуни изнесувал 86,4 отсто од БДП, покажуваат податоците на статистичката агенција Еуростат.
И на ниво на еврозоната и на ниво на ЕУ, причина за намалувањето на односот на долгот кон БДП е побрзиот раст на економијата во вториот квартал од темпото на задолжување.
Во јавниот долг и на еврозоната и на ЕУ доминираа должничките хартии од вредност со учество од 82,7, односно 82,2 отсто.
Кредитите сочинуваат 14,1 отсто од јавниот долг во еврозоната и 14,7 отсто во ЕУ, а депозитите отпаѓаат на остатокот.
Најзадолжена членка на ЕУ на крајот на вториот квартал беше Грција, со долг од 182 отсто од БДП на земјата.
Јавниот долг на Италија исто така беше висок и изнесуваше 150,2 отсто од БДП, Португалија 123,4 отсто, Шпанија 116,1 отсто, Франција 113,1 отсто и Белгија 108,3 отсто од БДП.
За разлика од западноевропските земји, источноевропските земји беа со многу помал удел на долгот во БДП.
Јавниот долг на Естонија изнесуваше само 16,7 отсто од БДП, бугарскиот 21,3 отсто, а Луксембург беше меѓу ниско задолжените земји со сооднос долг кон БДП од 25,4 отсто.
Споредено со крајот на вториот квартал од минатата година, најголем пораст на задолженоста во однос на БДП забележале Романија за 1,4 процентни поени и Чешка за 0,9 процентни поени. И двете земји имаа јавен долг под 50 отсто од БДП на крајот на јуни.
Најголемо намалување во претходните години забележа Грција, дури 25,4 процентни поени, Кипар за 14,4 поени и Хрватска за 12 процентни поени.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.