Дожд, грмотевици и силен ветер од денес ќе донесат пад на температурите

Сподели со своите пријатели

Времето денеска во претпладневните часови ќе биде сончево и топло. Попладне од влијание на влажна, нестабилна и посвежа воздушна маса ќе настапи значителна промена на временските услови, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

На повеќе места ќе има нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град. Повеќе врнежи ќе има во вечерните и ноќните часови кон сабота, особено во северните делови, каде локално се очекува да наврнат над 25 л/м2. Минималните температури ќе се движат од 14 до 22 степени, додека максималните температурни вреднсоти ќе бидат во интервал од 30 до 36 степени целзиусови.

Во Куманово и околината денес ќе имаме сончево до умерено облачно време. Во попладневните часови ќе настапаи поголемо наоблачување кое ќе донесе врнежи и грмежи, а ќе дува силен ветер од северен правец, кој на моменти ќе достигнува брзина и од над 40 километри на час. Националниот хидрометеоролошки завод, според информациите на порталот accuweather, за Куманово има издадено три жолти предупредувања и тоа, за грмотевици, ветер и обилен дожд.

За време на викендот ќе преовладува променливо облачно, значително посвежо и ветровито време со локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе опадне за повеќе од 10 степени во однос на денешната и ќе биде во интервал од 20 до 29 степени.

Од понеделник се очекува стабилизирање на времето со постепен пораст на температурата. До вторник ќе дува умерен до засилен северен ветер.

 

Loading...