Димитров се сретна со специјалниот пратеник на Премиерот на Канада за ЕУ и Европа

Сподели со своите пријатели

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денес оствари средба со амбасадорот Стефан Дион, специјален пратеник на Премиерот на Канада за Европска Унија  и Европа.

Loading...

– Фокусот на разговорите беше ставен врз македонското членство во НАТО и ЕУ. Во тој контекст, министерот Димитров се заблагодари за цврстата и континуирана поддршка на Канада за остварување на нашите стратешки приоритети, како и за брзото ратификување на Пристапниот протокол за членство на државата во НАТО. Министерот Димитров го информираше соговорникот за реформскиот контекст во кој се наоѓа државата и очекувањата за одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ во октомври: „Северна Македонија и Канада ги споделуваат либерал-демократските вредности, мултилатерализмот и функционалниот мултикултурализам“, истакна Димитров.

Високиот канадски претставник ја реафирмираше поддршката од страна на Канада, согласно Декларацијата за соработка и стратешко партнерство меѓу двете земји. Тој нагласи: „Тука сум затоа што сметам дека не треба да се занимаваме само со проблеми, туку и со држави кои одат во правилната насока, а Северна Македонија е позитивен пример токму во оваа смисла.“

На средбата, соговорниците ги разгледаа и билатерални односи, оценувајќи ги како блиски и пријателски, како и начинот за нивно натамошно продлабочување, како на билатерален, така и во рамките на мултилатералните механизми за соработка.

Се разговараше и за актуелните случувања во регионот на Југо-источна Европа, додаваат од МНР.

Текст и фото: Министерство за надворешни работи

Leave a Reply