Димитриевски: Овој Илинден го дочекуваме понижени!

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во празничното интервју за весникот Вечер вели дека оваа година, со прифаќањето на Францускиот предлог од актуелната влада, и понудената преговарачка рамка за влез во ЕУ, националниот празник Илинден ќе го пречекаме со едно горко чувство на неправда, со изгубено достоинство, понижени и со неизвесна судбина за натамошниот тек во преговарачкиот процес и нашиот пат кон ЕУ.

Loading...

„За жал, Македонците и во 21 век сè уште се борат за своите правдини. Но, пострашно е што Македонците во 21 век се борат за основното човеково право, правото на припадност на одредена нација и правото на употреба на свој мајчин јазик. Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република се настани од поновата македонска историја кои го потврдуваат вековниот стремеж на македонскиот народ за формирање на своја самостојна и независна држава. За Македонија настапува еден турбулентен период, разединето општество, период во кој ни претстои борба за зачувување на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и заштита на македонските историски настани и личности. Со еден збор, мораме да сториме сѐ за да ги зачуваме македонските национални и државни интереси“, потенцира Димитриевски.

Во интервјуто, Димитриевски истакнува дека за некои прашања едноставно не се дискутира. Македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на разговор во каков било договор. Тоа се црвените линии преку кои не може да се помине. ДА за ЕУ, но таму да влеземе достоинствено, со крената глава, како македонски народ со сопствен македонски јазик. Тоа се основните цивилизациски придобивки и темелни вредности на ЕУ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Го нападнале во Тромеѓа и му одзеле пари и клучеви

Во однос на прашањето дали Димитриевски има контакт со раководството на СДСМ, откако ја донесоа одлуката за негово исклучување, тој истакна дека сè уште е член на СДСМ.

„Процесот за моето исклучување од партијата, во согласност со статутот на СДСМ, не е завршен. Мојата определба е социјалдемократска, но политиката на актуелното раководство на СДСМ нема никаква допирна точка со основните вредности на социјалдемократијата. Во СДСМ владее една мала политичка елита, која е базирана на клиентелистички основи, личен интерес, без државна и национална стратегија и единствена определба и визија е како да се зачуваат сопствените фотелји. Всушност, СДСМ не е вистинската власт, туку е приврзок на ДУИ, кој ги диктира политиките на владата и е грубо кажано газда во Македонија. Контактите и комуникацијата, со дел од раководството на СДСМ, се сведени на минимално ниво и неколку министри, но исклучиво за обврски и проекти кои се поврзани со Општина Куманово и се интерес на граѓаните“, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Жител на Тромеѓа нападнат во Пчиња

Тој информираше дека оваа година Општина Куманово ќе има своја делегација во Пелинце во согласност со претходниот добиен протокол од Собранието.

„На 2 Август нема простор за политика и политиканство, ќе оддадеме достоинствено почит на загинатите комити и партизани за независна Македонија. Како тоа ќе го сторат актуелните носители на функциите од законодавната и извршната власт кои ги изневерија вредностите на кои им се поклонуваат и дали држењето на говори од нивна страна, на овие за нас свети места, е гест на лицемерство, е прашања за нив кое што ќе ги следи цел живот“, изјави Димитриевски.

Димитриевски, во интервјуто за весникот Вечер посочи дека здружението на граѓани „За Наше Куманово“ на последните локални избори излезе со своја јасна понуда и програма пред граѓаните на Куманово и убедливо ја доби нивната доверба.

Loading...

„Посебно сум горд што во ова здружение се вклучени истакнати личности од Куманово кои доаѓаат од повеќе сектори: професори, наставници, лекари, уметници, земјоделци, работници, пензионери, ветерани, младинци, стопанственици итн. Исто така, значајно е да се напомене дека се вклучени сите етнички заедници (Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, Црногорци, Хрвати и др.) кои егзистираат на територијата на Општина Куманово и практично ова здружение е Македонија во мало. Сè повеќе расте и поддршката на граѓаните надвор од општинските граници, што за мене претставува еден вид сатисфакција, но и потврда дека со политиките и проектите коишто ги испорачуваме, сме на вистинскиот пат. Во овој момент, нашиот акцент е ставен на доследно реализирање на ветените проекти во Куманово, но не ја исклучувам можноста за настап на следните парламентарни избори без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Жител на Липково крадел возила низ Скопје

Кај граѓаните во Македонија постои заситеност од двете политички структури кои 30 години управуваат со Македонија и се менуваат на власт. Сигурен сум дека едно ново граѓанско движење или политичка опција со јасна визија ќе предизвика внимание и заинтересираност кај граѓаните, кое ќе резултира со победа на следните парламентарни избори и позитивни промени во државата“, рече Димитриевски и изрази верување дека ќе се приклучат сите граѓани, без разлика на нивната партиска и етничка припадност, кои сакаат да видат Европска Македонија со еден нов концепт, концепт на чесно, одговорно и домаќинско работење, со економски просперитет, со зголемен животен стандард, Македонија во која ветените проекти ќе се исполнуваат, Македонија без корупција и криминал, Македонија со одговорни национални и државни политики, Македонија во која главниот збор ќе го имаат граѓаните, а не политичките поединци, Македонија на солидарност и соживот.

Целото интервју може да го прочитате на следниот линк.