Димитриевски: Општина Куманово е еден од класичните примери кадешто функционира мултикултурното и мултиетничкото општество

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска учествуваше на јавниот настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“, кадешто се говореше за предизвиците и решенијата за односите меѓу заедниците.

Loading...

Во своето излагање, Димитриевски се заблагодари за иницијативата на ЦИВИЛ којашто веќе подолг временски период во соработка со Општина Куманово ја работат заедно во делот на развојот на мултикултурализмот во Куманово и упати благодарност за нивниот ангажман.

„Дополнително ја известувам јавноста дека покрај оваа соработка со Цивил, општина Куманово има соработка со многу невладини организации во и вон државата на тема мултикултурно, мултиетничко општество и како тоа реално функционира. Горд сум како градоначалник на општина Куманово што нашата општина е еден од класичните примери во коешто функционира мултикултурното и мултиетничкото општество и ние од тој аспект правиме сѐ истото да се рашири во сите пори на секојдневното општествено живеење. Мултикултурализмот подразбира не само разбирање помеѓу политичарите, туку првенствено, секојдневно функционирање на сите граѓани коишто живеат во една општина и една држава“, рече Димитриевски.

Тој истакна дека треба да се направи јасна дистинкција во државата, во делот на тоа што значи мултикултурно општество и дека истото не претставува биетничко, туку во вистинска смисла на зборот мултикултурно.

„Во следниот период ние како држава ќе мора да работиме многу повеќе на тој план, бидејќи сепак, покрај македонскиот народ во нашата општина живеат уште 9 етнички заедници, во еден граѓански систем на уредување кадешто сите имаат еднакви права и еднакви обврски. Тоа значи, сите треба да бидат соодветно уважени, на секој да се слушне нивниот збор, секој да има простор да ја искаже својата култура и традиција кон останатите, и да учиме едни од други. Токму Куманово е еден типичен пример кадешто покрај Македонците, живеат Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Хрвати, Црногорци и секако ги прифаќаме и Бугарите, бидејќи во последниот попис во Куманово имаме некаде околу 350 граѓани коишто се изјасниле дека припаѓаат на бугарската заедница“, посочи Димитриевски.