Димитриевски избран за претседател на партијата ЗНАМ: Македонија се буди, време е за промени!

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на вчерашното Основачко Собрание на политичка партија Движење ЗНАМ – За Наша Македонија беше избран за претседател на новиот политички субјект ЗНАМ, ветувајќи дека заедно со сите членови, заедно со граѓаните ќе ги направи суштинските промени на политичката сцена во Македонија, почнувајќи од воспоставување ред и поредок, казнивост, одговорност и транспарентност и отчетност коишто се суштината и сржта на еден правен поредок во секоја организирана држава.

Loading...

“Ние во Македонија мора да имаме сите еднакви права и обврски бидејќи денеска живееме во длабоко поделено општество во кое се делиме на наши и ваши, брат со брат поради политика во државата не разговара. Нашата цел е да го обединиме граѓанинот, да ги обединиме сите, без разлика какво е нивното политичко убедување и да им кажеме НЕ на актуелните политички елити кои што се одделија од народот. Тој којшто со народот не се држел, не е вистинска власт. Живееме во време и невреме во кое правда и мир има само за нив, еднаквост наводно за сите, а подобар живот само за нивните деца”, рече лидерот на новиот политички субјект ЗНАМ- За наша Македонија, Максим Димитриевски.

Политичкиот субјект ЗНАМ – За наша Македонија ќе има за цел да работи на обединувачка агенда, вложувајќи во најмладите, но и вреднувајќи го трудот и влогот кој го дале највозрасните, без разлика на нивната политичка определеност, етничка или верска припадност.

“Ние денеска сме сведоци каде тие коишто најмногу дадоа за оваа држава до 80те и 90те години, ги мерат улиците и протестираат и крај со крај не можат да сврзат. Тие кои што не пораснаа и израснаа, тие коишто своите најубави години наместо да ги живеат со внучињата дома, ги поминуваат на улица затоа што нема правда за нив. Затоа што гледаат дека тоа што го градеа своевремено во онаа СФРЈ со лопата, денешните генерации од аспект на политички елитизам, го рушат со багер секојдневно и сеуште не можат да го срушат. Затоа се одваживме и леви, десни, неопределени вечерва овде симболично во оваа сала во Куманово да делуваме заедно и да ја формираме новата и најголемата политичка сила на македонската политичка сцена. Поради идните, младите генерации, тие коишто вчера завршија, тие кои што денеска студираат и тие кои што утре ќе учат и ќе се надоградуваат”, потенцира тој.

Македонија мора да оди напред, да се менува, да носи промени кои ќе креираат подобар живот за сите граѓани подеднакво, а политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија е формирана од тим на луѓе од различни профили коишто ќе ги донесат тие промени.

“Јас како Максим Димитриевски знам дека не можам да сторам ништо и затоа ми е чест што во овој тим на луѓе со кои заедно ќе ми биде чест да се борам имаме и пензионирани генерали, пензионирани припадници на АРМ, и пензионирани луѓе од делот на безбедноста, универзитетски професори, луѓе од научната фела, но најбитно е го имам работничкото срце со нас, го имаме и пензионерот и студентот, лекарот, земјоделецот и го имаме темпераментот на секој Балканец, на секој Македонец и секој друг што живее во оваа држава. Јас знам дека ние можеме да успееме заедно со тоа што ќе направиме суштинска промена и ќе кажеме КРАЈ на една лоша ера и да почнеме да ја пишуваме новата историја на Македонија за сите. Македонија се буди, време е за промени”, порача Димитриевски.

Иницијативата за формирање на политички субјект Движење ЗНАМ – За Наша Македонија беше потпишана на 9 октомври оваа година, по иницијатива на 10 граѓански здруженија и граѓани од Македонија. На вчерашното основачко собрание на политичката партија Движење ЗНАМ – За Наша Македонија за членови на Извршниот одбор беа избрани Генерал Павле Арсоски, Жанета Делова и Игор Филков, додека пак за членови на Надзорниот одбор се избрани Ристо Николовски, Марјан Петковски и Урош Милошевски.