Димитриевски: Епидемијата е реалност и демнее околу нас

Сподели со своите пријатели

„Епидемијата е реалност и демнее околу нас“, напиша на Фејсбук профилот градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, во реакцијата по вчерашниот протест на учениците кои побараа укинување на онлајн наставата и враќање на физичката.

Loading...

Како што вели го почитува изразувањето на незадоволството на младите, но и потенцира дека такви одлуки се носат на централно ниво, иако локалната самоуправа со најголем дел од директорите на основните и средни училишта во градот достави барање за физичка настава, кое беше одбиено од Владата.

Во продолжение интегрално реакцијата на градоначалникот Димитриевски.

Секогаш почитувам и подржувам изразување на незадоволство и истакнување барање преку протест на демократски начин, особено кога тоа доаѓа  од младите луѓе кои се авангардата на нашето општество.

Образованието на младите во една држава е суштинско за напредок на истата.

Директорите на најголем дел од основните и средните училишта во Општина Куманово побараа да се организира настава со физичко присуство на учениците каде што дозволуваат просторните услови во училиштата, особено таму каде што имаме мал број на ученици во паралелки, тоа го потврди и Советот на општината.

Повисоките државни органи водејќи се според мислењата на комисијата за заразни болести и МОН согласно протоколите дадоа согласност на помал број на основни училишта за физичко присуство на наставата и тоа училишта кои се претежно во руралните средини, подрачни и неколку централни училишта.

До мене доаѓаат различни барања и од ученици но и од родители и истите ги уважувам и разбирам во целост, за жал одлуката не се носи на локално ниво а својот личен став и мислење веќе го кажав заедно со советниците при поднесување на барањето за настава со физичко присуство.

Loading...

Сепак сакам да ги известам сите сограѓани особено оние кои се скептични по однос на постоење на болеста Ковид 19, епидемијата е реалност и демнее околу нас, тоа го потврдуваат сите надлежни државни институции и кај нас во Македонија но и секаде во светот, најдобро тоа го потврдуваат здравствените работници и симптоматските случаи кои се бореа и сеуште се борат со болеста и нејзините последици.

Куманово се бори против епидемијата уште од самиот почеток и до денеска имаме 1473 потврдени позитивни случаи, 1164 оздравени за жал имаме 49  сограѓани кои подлегнаа на болеста и сеуште 260 активни случаи во моментов. Нашите капацитети за хоспитализација на инфективно оделение во општа болница во Куманово се континуирано преполнети.

За жал субјективизмот на поединци на одговорни позиции, непочитување на мерките од страна на неодговорните граѓани, недостатокот на дисциплина и неподготвеноста на целиот систем и општество за справување со епидемија не доведе до овде.

Тука сме каде што сме како и многумина други во регионот и светот, штом сите заедно не ја спречивме короната ќе мора да научиме да се носиме и да живееме со неа.

АПЕЛИРАМ, апелирам особено до најмладите, држете препорачана дистанца, носете заштитни маски кога сте во група, почитувајте ги мерките за заштита на колективното здравје и слободно на најдемократски начин изразете ги своите ставови но сепак сведете ги физичките контакти и собирања на минимум.

Единствено дисциплинирано и разбирање ќе ја победиме короната и заедно ќе ги отвориме школите, нормалниот животот мора да победи.

Никола Ивановски

Leave a Reply