Денес се празнува Петровден. Кои се обичаите во кумановско?

Сподели со своите пријатели

Петровден — православен празник што се одбележува секоја година на 12 јули. Празникот е посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден.

Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба.

Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте.Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира.

Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место.

Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.