Да се победиме себеси

Сподели со своите пријатели

Луѓето велат дека политичарите нè направиле да бидеме посиромашни, политичките партии да бидеме безначајни, а од големите бизниси кои се темелат на крилата на корупцијата, да бидеме украдени до гола кожа. Исто така, луѓето велат дека „сите тие се исти“. Околу тоа, не секогаш лесно се сложуваме. Тоа го имам напишано многу пати до сега.

Но, дали „сите тие“ би биле „исти“ кога ние (кои ги критикуваме) не би се однесувале помалку самодеструктивно? Извесен број на луѓе со кои ги делиме политичките ставови, не сакаат да водат конструктивен дијалог. Нив не ги интересира начинот и методот со кој ќе ни се решат проблемите. Нивна единствена цел е да докажат дека промените се невозможни и дека нивните салонски критички ставови се единствено исправни.

Тие место да се задржат на ставовите кои нè поврзуваат, веднаш ги воочуваат нашите мали разлики и вешто од нив прават непремостлива препрека. Веднаш потоа ги изнесуваат ставовите „зошто нешто не можеме да направиме, поправиме или промениме“.

„Но во тој случај, што можеме да направиме?”, би ги запрашал, надоврзувајќи се на негативностите кои ги кажуваат. Никогаш не добивам одговор.

Тие и понатаму би зборувале дека „луѓето се во апатија, неактивни, политички неписмени“. Дека секаде владее безнадежност и незаинтересираност. Дека да се повикаат луѓето да се тргнат од апатија, е само голема баналност. Но тука не се работи само за тоа дека луѓето се во апатија, дека не веруваат никому или дека се неактивни.Тие аргументи се очигледна проекција од луѓе кои самите веќе немаат надеж и во немоќта преку бесот и разочарувањето, ја пренесуваат својата духовна состојба на други кои се обидуваат нешто да направат.

На крај ги разбрав негативните ставови кон политичкиот пркос.

Одговорноста зошто луѓето се уморни, незаинтересирани и апатични, лежи во нас. Сите ние кои пишуваме по социјалните мрежи и алтернативните медиуми.

Ќе се запрашате веројатно зошто? Затоа што работиме благородно, но недоволно.

Затоа што не смееме да дозволиме да нè трујат оние кои велат дека правдата е недостижна и дека ние сме само тука за да ги трпиме тие работи. Ние сме одговорни за таквата состојба. Да не дозволиме да не поколебаат оние кои сами себе веќе се поколебале.

Нашата задача е да бидеме подобри, да бидеме тој избор, нашата задача е да ги разбудиме луѓето од апатијата и да ја вратиме смислата на политичката борба. Но тоа, не можеме да го направиме седејќи во топла фотелја. Тоа не можеме да го направиме ако својата политичка идеја ја направиме ексклузивна, наместо да се надеваме на добра соработка со другите. Затоа, станете исправени, побарајте ги вашите истомисленици и натерајте ги да се разбудат. А кога наидувате на оние кои даваат критика без алтернатива за подобро утре, објаснете им дека грешат. Доколку се тоа искрени луѓе, дајте им рака на соработка.

Нашата најголема задача е вербата во промени да ја вратиме во секој дом и секој ум, а со тоа голем број на наши сонародници ќе ги вклучиме активно во политичката борба за подобра земја, за поголем стандард, за здравје, образование и иднина – не само за генерации кои доаѓаат, туку и за нашата генерација!

Ако одиме од човек до човек секој ден, ќе бидеме сè повеќе и повеќе.

Личностите кои сакаат да критикуваат без да дадат алтернатива за решавање на проблемот и личностите кои сакаат борбата да ја водат од фотелји, тргнете ги на страна. Тие работат или за друг интерес или повеќе ја ценат бојата на својот глас и тон на својата реченица од општото добро за својот народ. Тие се исто што и квази-елита против која треба да се бориме, но се многу поопасни.

Ако сакаме да ја елиминираме корупцијата, партократијата и да го промениме она што е можно да се промени во оваа земја, прво мораме да се победиме себеси. Кога ќе се победиме себеси, изборната победа ќе ни биде само прашање на денот.

Пишува: Емил Ташевски,

Дипломиран инженер по информатика