Точно една година откако Куманово рано наутро се разбуди од пукотниците кои доаѓаа од населбата Тоде Мендол, позната како Диво насеље. Една година откако згаснаа осум млади животи во борбата за мирот на земјата. Куманово не заборава!
Се уште болат раните на осумте семејства кои се завиени во црно, боли мистеријата која го обвиткува настанот, но боли и тоа што никој не знае со која цел се тресеше Куманово. Куршуми, пукање, бомби, гранати. Оклопни возила низ целиот град, граѓаните дома слушаа „Сител“ каде велеа дека акцијата заврши, а надвор се уште „гореше небото“.
Цел ден возила на итната медицинска помош транспортираа повредени полициски службеници, а официјални информации добивме скоро 20 часа подоцна, кога тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, „видно потресена“ на прес конференција започна да ги реди имињата на оние кои ги положија животите во оваа кумановска населба.
Иако не се нарушија меѓуетничките односи во градот, сепак Куманово остана во плач, остана да жали за загинатите припадници на МВР и гневно да бара одговори кој и зошто дозволи толку оружје да се внесе во државата и во Диво насеље, зошто името на Али Ахмети и други високи функционери се споменуваа како вмешани во случајот исто така се уште останува енигма за јавноста. Судската постапка е активна, се сослушуваат заштитени сведоци, жители на населбата, роднини на загинатите, нивните колеги, а обвинетите велат: „Ние не сме терористи!“
Случајот резултираше со оставка од министерката Јанкуловска, како и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, но Куманово и Република Македонија бараат одговори.
Да не се заборави. Да не се повтори!