На светските берзи цените на нафтата благо паднаа и минатата недела, втора по ред, бидејќи забавува растот на најголемите светски економии, поради што слабее и побарувачката на „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела се лизна за 0,4 отсто, на 84,48 американски долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,8 отсто, на 79,83 долари.
Падот на цените втора недела по ред е резултат на новите податоци кои покажуваат дека растот на најголемите светски економии забавува, пишува Biznis.ba.
Индексите на PMI на производната активност ја зголемија загриженоста за побарувачката.
Имено, Јапонија во август пријави намалување на фабричката активност трет месец по ред.
Повеќе од очекуваното падна и деловната активност во еврозоната, особено во Германија, а се чини дека активноста во британската економија ќе се намали во тековниот квартал, па и се заканува рецесија.
Деловната активност во Соединетите Американски Држави (САД) се приближи до стагнација во август, со најнизок раст од февруари, а кинеската економија исто така расте побавно од очекуваното.
„Послабиот момент на раст во Кина е главната причина за влошување на глобалните производствени активности. Ова ги оптоварува европските земји, како што е Германија, каде растот е сè уште силно изложен на кинеската побарувачка“, истакнуваат аналитичарите на BCA Research.
Иако растот на западните економии забавува, централните банки најверојатно ќе ги зголемат каматните стапки уште неколку пати поради високата инфлација.
Претседателот на ФЕД Џером Пауел го потврди ова во петокот на традиционалниот собир на централните банкари во американскиот град Џексон Хол.
„Монетарната политика значително ја заостривме во изминатата година. Иако инфлацијата се намали од својот врв, што е добредојден развој, таа и понатаму е превисока. Подготвени сме дополнително да ги зголемиме каматните стапки, доколку е соодветно“, рече Пауел.
Како резултат на тоа, вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна шеста недела по ред. А силниот долар ја поскапува нафтата за купувачите во други валути, со што се намалува побарувачката.
Од друга страна, цените се поддржани од намалувањето на понудата на нафта на светскиот пазар, пишуваат во белешката аналитичарите на Морган Стенли.
Очекуваат понудата на сурова нафта да се намали до крајот на годината, но за следната година предвидуваат и побавна побарувачка, што ќе резултира со прекумерна понуда на почетокот на следната година.
Поради сето ова, се чини дека цената на нафтата ќе продолжи да се движи во многу тесен опсег, велат аналитичарите.
Во однос на почетокот на годината, цената на барелот на лондонскиот пазар е намалена за околу 1,7 отсто, а на американскиот пазар за околу 0,5 отсто.