Бобан Стефановски од Куманово го искачи Арарат, врвот каде се верува дека застанала Ноевата арка по потопот (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Бобан Стефановски од е првиот планинар од Куманово кој го освои врвот Арарат во Турција.

Loading...

Станува збор за заспан вулкански масив и највисока планина во Турција и Ерменската Висорамнина. Има два врва: Голем и Мал Арарат, а токму големиот, висок 5.137 метри беше предизвикот кој овој кумановец си го зададе и исполни.

Но, не е само висината тоа што оваа планина ја прави посебна. Според Библијата, во „горите на Арарат“ застанала арката на пророкот Ное откако стивнал Светскиот потоп.

 

 

Стефановски е долгогодишен планинар, планинарски водич и член на Комисијата за планинарски патеки, член на ПД „Куманово“ и единствениот планинар од Куманово што се има искачено на врвовите Зумштајншпиц (4563 м), Гран Парадизо (4061 м) и Брајтхорн (4164 м), и првиот планинар од Куманово што ја има поминато Западната Македонска Трансверзала во 2016 година.

Сега на оваа листа може да го додаде и Арарат на 5.137 метри надморска височина.

Loading...

Токму најновото освојување на Стефановски беше повод да поразговараме со него за тоа како течеше искачувањето, која е неговата мотивација, но и колку е тешко да се изведе еден ваков подвиг.

 

 

КМ: Што те мотивираше да превземеш толку храбар и авантуристички чекор?

Стефановски: Љубовта кон планините, височините, авантурата и желбата за непознатото, како и искачувањето на високи врвови ми беа мотивација за едно вакво необично искачување. Исто така, самата планина Арарат гласи за „Библиска планина“, на која, според Библијата, застанала Ноевата Арка откако поминал потопот. Самиот тој мистично – библиски ефект ја прави да биде необична и привлечна за искачување.

 

Loading...

 

КМ: Колку долго траеше искачувањето?

Стефановски: Процесот на искачување трае во просек 5 дена. Од почетната точка до врвот и назад. Искачувањето почнува од едно локално селце кое се наоѓа на скоро 2.000 метри надморска височина, на 15-тина км од градот Догубајазит, каде првиот ден се искачува висинска разлика од 1200 метри, за да се стигне до првиот базен камп на 3.200 метри надморска височина. Вториот ден се искачува до вториот базен камп до 4.200 м. н. в. се прави аклиматизација, и истиот ден се враќа пак во првиот базен камп. Третиот ден, со целокупната опрема се искачува повторно до 4.200 м.н.в, каде се логорува, а дента подоцна, се тргнува накај врв, финалното искачување, или summit day. Самото искачување накај врв започнува во 1 или 2 часот по полноќ, додека врвот се искачува за просечно време од 5 до 6 часа, тргнувајќи после полноќ. Две третини од патеката, од базниот камп на 4.200 м.н.в.  до врвот е по незгоден камењар и сипар. Последната третина е на самиот глечер, каде мора да се наместат дерези за безбедно поминување и враќање преку глечерот. Температурата понекогаш знае и да биде -25 степени на врв. Бидејќи се тргнува по полноќ, кога природно телото си бара одмор и е навикнато на спиење, треба екстра напор и дополнителна внимателност да се помине овој незгоден камењар, длабоко во ноќта со помош на челни лампи.

 

 

КМ: Дали сами одевте на овој подвиг или го реализиравте со други планинари?

Стефановски: Бев дел од експедицијата која беше организирана од П.К. „Предејане“ од Предејане.  Експедицијата ја сочинуваа планинари од Македонија, Србија и Хрватска, вкупно 17 луѓе. Експедицијата траеше од 6-ти до 13-ти септември.

Loading...

 

 

КМ: Дали  наидовте на одредени проблеми и предизвици додека траеше искачувањето?

Стефановски: Врвот Арарат е речиси на самата граница помеѓу Турција, Иран и Ерменија, со самото тоа е позициониран на крајниот исток на Турција. Самата планина Арарат е заспан вулкански масив и е највисока планина во Турција и во целата Ерменска висорамнина. Имавме лет од Белград до Истанбул, потоа уште еден лет од Истанбул до градот Ван, град кој е на самиот брег на езерото Ван, едно огромно и солено езеро. Оттука, заминавме за градот Догубајазит, град кој е во непосредна близина на границата со Иран, и е еден многу убав и интересен град со културни и гостопримливи луѓе, кои имаат необичен менталитет и храна која е многу слична на нашата. Можеби еден од проблемите е што самото стигнување до почетната точка трае долго, ама некои посебни проблеми немавме.

 

Loading...

 

KM: Колку може да биде опасно искачувањето на врв висок над 5.000 метри?

Стефановски: Искачувањето на високи врвови само по себе си носи одредени ризици, непријатности и предизвици. Конкретно, искачувањето на врвот Арарат (висок 5.137 метри), не е техничко искачување, туку искачување на класичен високогорски врв. Со самото тоа што е над нормалната граница до која телото нормално функционира (2.500 метри надморска височина), се над оваа височина има одредено влијание врз телото, и мора да се направи аклиматизација. Ако се направи добра аклиматизација, вообичаено не се појавуваат некои проблеми, меѓутоа, ако организмот и телото не се аклиматизираат и приспособат на недостаток на кислород на таа висина на начин како треба, секогаш постои ризик од висинска болест, чии симптоми се повраќање, поспаност и мака во стомакот и желудникот, главоболка и отежнато дишење, кои се т.н. благи симптоми, додека пак неправилната аклиматизација може да доведе и до потешки симптоми, како што се акутен висински едем на мозокот и акутен висински едем на белите дробови, кои најчесто се смртоности. За наша среќа, ние немавме некои поголеми и посериозни проблеми со висинската болест.

 

Loading...

 

КМ: Условите сигурно се сурови. Имаш веќе долго искуство зад себе кога станува збор за искачување на многу високи врвови. Како се подготвуваш за ваквите авантури?

Стефановски: Реално, ваквите тури си бараат поинтензивни и посериозни подготовки. Меѓутоа, во нашата држава во текот на цел месец август имаше забрана за движење во шуми и планини поради пожарите кои беснееја во целата држава, така да, ни беше отежнато и оневозможено движењето и одењето на планина. Правилната аклиматизација што ја имавме пред искачувањето на врвот, првин до 3.200 метри, потоа до 4.200 метри надморска височина до висинските кампови, си имаа свое влијание во текот на искачувањето.  И секако, интензивното одење на планина пред забраната, самото тело си ги помни.

 

Loading...

 

КМ: Што освен добра опрема е потребно кога тргнувате на вакво искачување?

Стефановски: Соодветната опрема и ментално – физичката спремност се најклучните фактори за успешно искачување на било кој врв или планина. Меѓутоа, поволните временски услови, претходно планинарско и високогорско искуство, многу вода, слушање на телото и стравопочит кон планината се неопходни за успешно искачување на ваков врв.

 

Loading...

 

KM: Што на Вас остави најголем впечаток посебно од оваа авантура?

Стефановски: Неколку работи ми останаа во сеќавање како посебни после искачувањето на Арарат. Првин, самиот поглед на една бескрајна пустина гледана од 5.137 метри, каде се гледаа само населените места како белите точки, градот Догубајазит, гратчето Чифлик, а околу нив бескрајна пустина и песок, некаде прошарана со високи и остри врвчиња, се дефинитивно несекојдневна глетка. После тоа, самата планина е заспан вулкан, што ја прави да биде  уште помистична и посурова. Исто така, домаќините на кампот, како и водичите, беа доста гостопримливи, вредни и интересни луѓе. Јас, на пример, кога и да сум одел некаде, на некоја планина за првпат, никогаш не сум гледал, читал или истражувал детално за да дознаам се’ во детали уште пред да стигнам таму. Напротив, секогаш сум оставал откако ќе стигнам, првите впечатоци, првите чекори и првата средба да ми ги дефинираат чувството и замислата за таа планина или врв, првото доживување што ќе го доживеам, да го паметам цел живот.

 

Loading...

 

КМ: Кои врвови ги имате искачено досега?

Стефановски: Скоро 10 години како планинарам, и имам искачено многу врвови досега, како во нашата држава, така и на Балканот и низ Европа. Посебно сум горд на искачените врвови на Алпите – Мон Блан (4.810 м), Зумштајншпице (4.563 м), Гран Парадизо (4.061 м) и Брајтхорн (4.164 м), потоа Триглав во Словенија (2.864 м), по неколку пати Мусала (2.925 м, највисокиот врв на Балканот) и Вихрен (2.918 м) во Бугарија, Митикас (2.914 м) на планината Олимп во Грција, врвот Боботов Кук (2.523 м) на планината Дурмитор во Црна Гора, како и сите познати и високи врвови кај нас. Исто така, еден од посебните моменти ми е поминувањето на Западната Македонска Трансверзала во 2016 година, од Љуботен до Охрид, во должина од над 200 км за 8 дена, во времето кога самата трансверзала уште беше релативно непозната за планинарите кај нас, посебно во планинарските кругови во нашиот град.

 

 

КМ: Како ги финансираш патувањата, си имал ли поддршка од некого или одиш во приватна режија?

Стефановски: Сите овие експедиции си бараат одредени финансиски средства. Годинава, поради ковид кризата, како и поради целата ситуација со пандемијата, не успеавме да најдеме доволно финанскиски средства за да се покрие целата експедиција, па мораше самиот да го финансирам искачувањето. Меѓутоа, една недела пред тргнување, еден од моите пријатели, Влатко Ангеловски и неговата фирма „ЗиВ Компани“ се согласија и сакаа да помогнат со дел од финансиските средства. Упатувам огромна благодарност до Влатко и неговата компанија „ЗиВ Компани“, кој, и покрај ковид кризата, имаше слух за еден ваков несекојдневен подвиг со неговата желба да помогне.

 

 

КМ: Дали имаш некои планови за во иднина, цели кон кои ќе се стремиш да ги постигнеш и врвови што останаа неосвоени?

Стефановски: Планови за во иднина секако дека постојат, и врвови за качување ќе има секогаш, меѓутоа нивното реализирање зависи од повеќе фактори, најмногу од тоа како ќе се одвива самата ситуација со ковид кризата. И за минатата година постоеја одредени планови, меѓутоа сите оние карантини, lockdown-и и  изолации ја поместија траекторијата на нивното реализирање и останаа нереализирани. Ако се биде во некој нормален ред, има неколку планини што ми се вртат низ глава за посета за следната година, повисоки од Арарат.

 

 

Loading...

Никола Ивановски