Германија, европскиот индустриски центар, се соочува со потенцијален егзодус на фабрики бидејќи на производителите на автоделови, хемикалии и челик им е сè потешко да ги апсорбираат високите цени на електричната енергија кои речиси секој ден достигнуваат нови максимуми, пишува Блумберг.
Цените на струјата и бензинот во Германија се зголемени повеќе од двојно за само два месеци, а референтната цена на европската струја на фјучерс пазарот за една година однапред порасна на 570 евра за мегават-час.
Пред две години беше 40 евра, наведува њујоршката агенција.
„Енергетската инфлација овде е многу подраматична отколку на друго место. Се плашам од постепена деиндустријализација на германската економија“, рече Ралф Стофелс, главен извршен директор на BIW Isolierstoffe, која произведува силиконски делови за автомобилската, авијацијата и индустријата за апарати.
Осигурување на вклучените светла
Оваа земја се потпира на гасот од Русија за да ги снабдува своите електрани и фабрики со енергија, а сега се подготвува за предизвик без преседан – да ги задржи светлата вклучени и бизнисите да работат откако Русија ги прекина тие испораки, се вели во текстот.
Привремени прекини на производството поради високите цени на енергенсите веќе беа регистрирани и претходно, при што во декември и март беше намалено производството на вештачки ѓубрива и челик.
Цената на европскиот гас за испорака во следниот месец достигна рекордно ниво од 241 евро за мегават-час во четвртокот, што е околу 11 пати повисока од вообичаеното за овој период од годината, се додава.
Иако Владата до одреден степен го ограничува поскапувањето со кое се соочуваат домаќинствата, компаниите не се имуни на зголемените трошоци и многумина се подготвуваат да ги префрлат трошоците на клиентите или дури и целосно да ги затворат.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.