Бесплатни превентивни прегледи и пунктови во ек на топлотниот бран

Сподели со своите пријатели

Во најризичниот период од 11 до 17 часот да се одбегнува физичка активност, да не се излегува на отворено на директна изложеност на сонце, да се употребува лесна храна, да се пијат повеќе течности, да се носи лесна облека, заштита на главата, постарите лица редовно да ја земаат својата терапија. Доколку граѓаните мора да излезат на сонце, да се практикува пауза или одмор под сенка или во некоја климатизирана просторија, а со себе да се носи вода.

Loading...

Ова се препораките од Министерството за здравство по најавата дека во текот на утрешниот ден во целата држава сите региони ќе влезат во жолта фаза со температури од 34 до 40 степени, а се очекува овие високи температури да продолжат и во наредните денови.

Во соработка со сите здравствени домови во државата и со Црвениот крст, Министерството за здравство организира пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време. Превентивни прегледи ќе се вршат на пунктови во 33 градови, секој ден од 18.30 до 21.30 часот, а ќе се мери крвен притисок и ќе се даваат совети за превенција од топлото време, но и за здрав начин на живот.

Д-р Јованка Костовска, раководител на сектор во МЗ, на денешната прес-конференција предупреди дека високите температури може да доведат и до појава на разни заболувања, до труење од храна и затоа, нагласи, повеќе да се внимава на личната хигиена, добро да се мие овошјето и зеленчукот, да се одбегнува лесно расипливата храна…

Таа посочи дека се известени и здравствените установи да бидат подготвени за евентуално зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од топлото време односно да имаат доволно сместувачки капацитети, доволно лекарства, персонал, да посветаст внимание на климатизација на просторот, а во пофреквентните чекални да се обезбедат специјални апарати со вода за пиење за пациентите. Отпечатени се и поделени брошури во центрите за јавно здравје кои ќе ги дистрибуираат до населението.

Д-р Јованка Костовска, меѓу другото, подвлече дека според податоците што ги има Здравствениот дом последните колапси за време на летниот период од високи температури се кај млади лица.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.