Ангеловски: Да не се казнуваат сите угостителски објекти поради поединечни прекршители

Сподели со своите пријатели

Угостителските објекти мора да ги почитуваат протоколите за заштита од ширење на КОВИД, граѓаните да внимаваат дали локалите каде одат ги почитуваат мерките за заштита, а инспекциските служби и полицијата соодветно и ефикaсно да ги казнуваат прекршителите, вели потпретседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Мартин Ангеловски.

Loading...

Тој смета дека проблемот е комплексен зашто се донесоа многу различни протоколи.

-Најголем број на угостителските објекти мерките за заштита од КОВИД-19 ги интегрираат во своето секојдневно работење и ги почитуваат. Не треба заради прекршување и непочитување на протоколите од страна на неколку објекти, да се воведуваат рестрикции кои ќе важат за сите. Сегде во светот има луѓе кои ги прекршуваат правилата, затоа и постојат надлежни институции, кои треба да ги санкционираат. Со воведувањето на новите рестрикции се добива впечаток дека се преземаат дополнителни мерки, само затоа што надлежните не може да ги спроведат протоколите на терен. Нема никакво оправдување, да се казнува целата угостителска дејност, заради поединци, истакнува Ангеловски.

Според него, протоколите на некој начин на одредени локали им дозволија да организираат настани. Таков е протоколот за организирање на музичките настани каде не е јасно дефинирано кој може да ги организира.

Ангеловски посочува и дека треба да се работи на подигнување на јавната свест на луѓето за важноста од почитување на протоколите. На тој начин ќе се даде предност во изборот на угостителски објект што ги почитува мерките за заштита, а другите ќе бидат стимулирани да работат на пропишаниот начин.

-Надлежните институции кога ги носат новите мерки треба да се свесни дека треба да се движиме во правец на изнаоѓање начин на безбедно функционирање на сите дејности во актулните услови преку носење соодветни протоколи и паралелно со тоа развивање механизми за санкционирање на прекршителите. Во спротивно, ќе се најдеме во ситуација да се носат рестрикции кои секако некој нема да ги почитува и да се враќаме назад до степен на целосен карантин. Таквата политика на дејствување економски е неиздржана, дополнува Ангеловски.

Тој апелира измените на протоколите да се прават во консултација со засегнатите страни, како и да се зајакнат капацитетите и надлежностите на инспекциските служби за да може поефикасно на се справат со прекршителите. 

Мирјана Чакарова

Loading...

Leave a Reply