Патници во авион на „Бритиш ервејз“ кој полетал од Лондон, се изненадиле утринава кога, наместо во германскиот град Диселдорф слетале во шкотската престолнина Единбург.
Како што објаснува CNN, до грешка дошло поради неточно поднесен план за лет, која го навел пилотот и членовите на екипажот да помислат дека треба да летаат за Единбург.
Патниците забележале дека дошло до грешка дури кога авионот слетал и кога добиле порака „добредојдовте во Единбург“, додава ВВС.
Авионот подоцна одлетал за Дизелдорф, а од „Бритиш ервејз“ велат дека соработуваат со компанијата „WDL Aviation“ која на лизинг управува со тој лет, за да откријат зошто е поднесен погрешниот план за летање.
„Бритиш ервејз“ претпоставува дека до грешката дошло поради авион кој ден претходно летал од Лондон до Единбург и назад, односно дека некој во WDL го повторил истиот план за летање и следниот ден.
Софи Кук (24) која секоја недела патува од Лондон до Диселдорф поради работа, рекла дека сите мислиле оти пилото се шегува, кога рекол дека авионот слетува во Единбург.
Таа додала дека пилотот подоцна им рекол на патниците да ги кренат рацете ако сакаат да одат за Диселдорф. Сите ги кренале, додала Кук.
– Пилотот рече дека не знае како се случуло тоа. Тој рече дека никогаш претходно не се случило и дека екипажот се труди да направи се што може, додала таа.