Во рок од 20 дена, по одржаните избори треба да се конституира новиот состав на Собранието, пишува во член 63 од Уставот на Република Македонија. Најдоцна за 20 дена треба да се одржи конститутивна седница која треба да ја свика актуелниот претседател на Собранието. Ако тој тоа не го стори, на 21-от ден од одржаните избори пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието.
Во член 90 од Уставот претседателот на Република Македонија е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на партијата или партиите кои имаа мнозинство во Собранието. После тоа, мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, пред пратениците поднесува програма и ги предлага министрите за новата влада. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници ја избира новата влада.
Што во случај ако има изедначен резултат, односно што ако по вчерашните избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ освоја по 51 пратенички мандат? Таков случај не е предвиден во Уставот. Тогаш, најверојатно, претседателот на државата ќе бара некаква гаранција за тоа кој би можел да формира собраниско мнозинство, па дури тогаш да го довери мандатот.
Ова значи дека некаде до 31 јануари, ако сѐ оди глатко во однос на формирањето на потребното собраниско мнозинство, би требало да имаме конституирано Собрание и нова влада.