Купувањето мали артикли од платформи како Temu, Shein и AliExpress наскоро би можело да стане значително поскапо.
Европската унија подготвува нови правила за мали пратки од Кина, и иако Македонија не е членка на ЕУ, промените би можеле индиректно да влијаат и на домашните клиенти.
Од 1 јули 2026 година, Брисел планира да воведе посебна такса за мали пакети што пристигнуваат од земји од третиот свет, првенствено од Кина.
Станува збор за пратки чија вредност е под 150 евра и кои со години се симбол на ултраевтиното онлајн купување и често пристигнуваат без дополнителни трошоци.
Планирано е да се воведе фиксна такса од три евра по пакет, додека некои модели предвидуваат дополнителни трошоци во зависност од видот на производот.
Според податоците на Европската комисија, околу 12 милиони мали пакети пристигнуваат во ЕУ секој ден, а дури 91 процент од нив доаѓаат од Кина.
Главната причина за усвојување на новите правила е воспоставувањето построга контрола врз евтините производи кои често не ги исполнуваат безбедносните стандарди на Европската Унија, особено кога станува збор за козметика, електроника и производи за деца.
Овие правила би можеле да донесат дополнителен финансиски ризик за клиентите кои не се задоволни од нарачаната стока.
Иако сè уште ќе биде можно да се врати пакетот, парите платени за царина и давачки најверојатно нема да бидат вратени.
Доколку купувачот одлучи да не ја подигне пратката, трошоците за нејзино уништување, како и досега, ќе ги сноси државата.
Новите правила најмногу би влијаеле на популарните кинески платформи како што се Temu, Shein и AliExpress, кои го освоија европскиот пазар во последните години благодарение на ниските цени и бесплатната достава.
Сепак, големите логистички компании како што се DHL, FedEx и UPS предупредуваат дека новите правила би можеле да предизвикаат доцнења и дополнително да ги оптоварат царинските системи низ цела Европа.
Иако Македонија веќе воведе царински давачки за сите валвки мали пратки, ова може дополнително да влијае на цните. Дел од стоката за Македонија оди преку европските дистрибутивни центри, па затоа зголемените трошоци би можеле да влијаат и на цената на испораката за граѓаните на Македонија.
Ова практично би можело да го означи крајот на ерата на ултраевтини купувања од кинески веб-страници, на кои македонските граѓани се потпираат со години за облека, гаџети и ситни предмети по цени од само неколку евра, пишува Нова економија.

