Поплави во јужна и централна Кина, има жртви, училиштата затворени

Сподели со своите пријатели

Обилните дождови што ја погодија јужна и централна Кина предизвикаа поплави во кои загинаа најмалку десет лица, затворија училишта и деловни објекти во неколку провинции, а беше прекинат сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, соопштија кинеските власти.

Најмалку шест лица загинаа откако пикап со 15 патници падна во надојдена река во регионот Гуангкси во југозападна Кина, а во одделни инциденти, три лица загинаа во поројни поплави во село во Хубеи, додека едно лице загина во јужната провинција Хунан, објави CCTV.

Кинеската метеоролошка агенција соопшти дека областите во Џиангкси, Анхуи, Хунан, Хубеи, Гуижоу, Гуангкси, Гуангдонг и Хаинан се соочуваат со висок ризик од поројни поплави и лизгање на земјиштето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Цените на течниот природен гас никогаш не биле повисоки

Во некои делови од провинциите во централна Кина, Хубеи и Хунан, во тек е евакуација на жителите во поплавените подрачја, а во градот Џингџоу, соборен е историски рекорд на врнежи откако метеоролошката станица почна да работи во 1953 година.

Противпожарната и спасувачка служба Хубеи испратила повеќе од 1.410 пожарникари, повеќе од 90 спасувачки возила, повеќе од 1.500 парчиња опрема и материјали и 100 чамци во Џингжу, соопштија локалните власти, според China Daily.

Јавниот превоз, вклучувајќи градски автобуси, такси, како и меѓуградски превоз, е суспендиран во областите погодени од поплавите, а властите ги повикаа жителите да избегнуваат непотребни патувања.