Соединетите Американски Држави работат на формирање меѓународна коалиција што ќе им овозможи на бродовите да минуваат низ Ормускиот теснец, откако сообраќајот низ клучниот воден пат беше запрен, објави „Волстрит џурнал“.
Според извештајот, предложената иницијатива наречена „Изградба на поморска слобода“ би имала за цел размена на информации, координирање на дипломатските активности и помош во спроведувањето на санкциите.
Во внатрешна телеграма на Стејт департментот се наведува дека колективното дејствување е неопходно за враќање на слободата на пловидбата и заштита на глобалната економија.
На американските дипломати им е наложено да ја испитаат подготвеноста на другите земји да учествуваат како дипломатски и/или воени партнери во оваа иницијатива, која заеднички би ја воделе Стејт департментот и Централната команда.
Новата коалиција би ги надополнила постојните операции за поморска безбедност, вклучувајќи ги иницијативите предводени од Обединетото Кралство и Франција, објави „Танјуг“.

