Во Куманово се одржа настан посветен на Велигден, во организација на Отсекот за превенција при СВР и Општинскиот совет за превенција, со цел промоција на заедништвото и запознавање со традициите кај најмладите.

Станува збор за активност во рамки на проектот „Празници зближуваат“, каде учествуваа деца од мешан етнички состав. Преку едукативни и креативни активности тие имаа можност да се запознаат со обичаите и симболиката на празнувањето на Велигден, еден од најголемите христијански празници.

Настанот помина во исклучително позитивна атмосфера, проследен со радост кај децата кои учествуваа во боење велигденски јајца, но и со присуство на родители, директори на училишта, претставници од Општина Куманово и други гости.

Началничката на Отсекот за превенција, м-р Лиле Младеновска, истакна дека целта на ваквите активности е децата да се дружат, да се запознаваат со традициите и да градат меѓусебна почит, што е суштината на проектот „Празници зближуваат“.
– Настанот наиде на голема радост кај децата со шарените јајца, што е и целта на проектот „Празниците зближуваат“, децата да се дружат, запознаваат со обичаите и да се почитуваат меѓусебно, истакна Младеновска.

Куманово со години важи за пример на мултиетничка средина во која институциите активно работат на градење заедничко општество и меѓусебно разбирање.

Преку различни иницијативи, вклучително и активности во училиштата и заеднички прослави на празници, се поттикнува запознавање со културите и традициите на различните заедници.

Ваквите настани имаат значајна улога во јакнењето на соживотот, особено кај младите, кои преку непосредно учество учат за вредностите на толеранцијата, почитта и заедништвото.


Никола Ивановски

