Италијанската премиерка Џорџa Мелони го обвини распадот на меѓународното право за избувнувањето на војната во Иран, велејќи дека нема доволно информации за да ги осудиме или поддржиме нападите на САД и Израел врз таа земја.
„Мислам дека мора да се справиме со ситуација во која правилата на меѓународното право се објективно прекршени“, изјави Мелони за телевизијата Медиасет, објави денес АНСА.
Таа рече дека има многу преседани, но дека ситуацијата на Блискиот Исток е „сигурно голема збрка“.
„Кризата (на меѓународното право) стана структурна според мене, особено со инвазијата на Украина, бидејќи кој треба да го спроведува меѓународното право? Теоретски, тоа се Обединетите нации, но имаме аномалија на членка на Советот за безбедност на ОН (Русија), која го нападна својот сосед пред четири години во обид да го анектира“, рече Мелони, објави Танјуг.
На прашањето дали ги поддржува нападите на САД и Израел врз Иран, Мелони рече дека „објективно, немам потребни елементи, исто како што речиси никој во Европа нема“.
„Всушност, никој не зазел став што е категоричен од оваа гледна точка. Никој освен шпанскиот премиер (Педро) Санчез не ја осудил иницијативата, исто како што никој не учествува во конфликтот“, истакна Мелони.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера за „Кориере дела Сера“ изјави дека Мелони е „одличен лидер“ и дека таа „секогаш се обидувала да помогне“.
„Таа е одличен лидер и ми е пријател“, изјави Трамп за италијанскиот весник.

