Цената на барел на лондонскиот пазар се зголеми минатата недела за 5,9 проценти, на 71,76 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 5,6 проценти, на 66,39 долари.
Трговците минатата недела беа загрижени од зголемените воени активности во близина на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат 20 милиони барели нафта дневно, што е една петтина од светската понуда.
САД веќе испратија „армада“ предводена од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ на Блискиот Исток, а флотата постепено се зголемува во таа област.
Иран, од друга страна, го затвори Ормутскиот теснец неколку часа во среда поради поморска вежба, а во четврток ги предупреди авиокомпаниите дека планира да лансира ракети.
Истиот ден, иранската и руската морнарица одржаа заедничка воена вежба во Оманскиот Залив и во северниот дел на Индискиот Океан, сигнализирајќи соработка во борбата против заканите на море.
Во исто време, Вашингтон и Техеран се подготвуваат за нова рунда преговори за нуклеарната програма на Иран.
Во средината на неделата, по состанокот во Женева, Иран објави дека е постигнат договор за главните принципи, но дека тоа не значи дека наскоро може да се постигне договор.
Техеран е подготвен да разговара само за нуклеарната програма и бара од САД да ги укинат санкциите за возврат.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп испраќа различни пораки. Еден ден вели дека разговорите напредуваат добро, а следниот размислува за ограничен воен удар врз Иран.
Иран не може да има нуклеарно оружје, инсистира Трамп, додека Техеран повторува дека не развива нуклеарно оружје, инсистирајќи на правото да користи нуклеарна енергија за цивилни цели.
Освен геополитичките тензии, нема други причини за порастот на цените на нафтата, бидејќи се проценува дека понудата ќе расте побрзо од побарувачката оваа година.
Дополнително, најновите податоци од САД и некои други големи економии укажуваат на забавување на економскиот раст, што значи дека побарувачката нема да расте како што очекуваа аналитичарите.
Главно поради геополитичките тензии, цените на нафтата се зголемија за повеќе од 15 проценти од почетокот на годината, откако минатата година паднаа за околу 20 проценти.

