Британските државјани Линдзи и Крег Форман се осудени на по 10 години затвор во Иран по обвинение за шпионажа, соопшти нивното семејство.
Парот од Источен Сасекс беше уапсен минатиот јануари за време на патување со мотоцикл низ Иран и се наоѓа во затворот Евин во Техеран, објави Скај њуз.
Сопружниците ги негираат обвиненијата, а пресудата беше изречена по тричасовно судење на 27 октомври пред судијата Аболгасем Салавати во Исламскиот револуционерен суд.
Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ја осуди казната како „крајно ужасна и неоправдана“, велејќи дека владата ќе работи „неуморно“ за да ги врати во Велика Британија.
Синот на Линдзи Форман, Џо Бенет, рече дека на парот не му било дозволено да презентира одбрана и не му биле презентирани докази во поддршка на обвиненијата.
Тој додаде дека тие веќе поминале повеќе од 13 месеци во притвор и изрази загриженост за нивната здравствена состојба и недостатокот на транспарентност во постапката.
Пред изрекувањето на пресудата, Крег Форман ги опиша суровите услови на притвор и 57-те дена што ги поминал во самица, велејќи дека тие „го скршиле физички и емоционално“.
Министерството за надворешни работи на Велика Британија ги предупредува граѓаните да не патуваат во Иран поради ризикот од апсење и притвор.
Во последниве години, Техеран уапси повеќе странски државјани и лица со двојно државјанство, што западните земји и организациите за човекови права го сметаат за политички мотивирани потези за добивање отстапки.

