Општина Куманово ги повикува граѓаните да ги отстранат неисправните, хаварисани и отпадни моторни возила кои се оставени на јавни прометни површини, во согласност со Одлуката за комунален ред.
Од Општината информираат дека сопствениците на ваквите возила се должни најпрво да ги одјават во Одделението за управни работи Куманово, кое се наоѓа на улицата „ЈНА“ бб.
По добивањето на потврдата за одјава, граѓаните треба да се обратат до Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при Општина Куманово, на улицата „Братство и единство“ број 18, спроти градскиот стадион, со цел возилата да бидат отстранети од јавните површини.
Отстранувањето на неисправните и отпадни возила ќе го спроведе колективен постапувач за хаварисани и отпадни моторни возила, при што трошоците за оваа постапка нема да бидат на товар на граѓаните кои навремено ќе постапат согласно законската обврска.
Од Општина Куманово предупредуваат дека доколку сопствениците не ја испочитуваат оваа процедура, возилата ќе бидат отстранети по службена должност од страна на колективниот постапувач, а сите трошоци за интервенцијата ќе бидат на товар на сопствениците.
Дополнително, за непостапување ќе следува и прекршочна постапка од страна на надлежните органи.
Општината апелира до граѓаните навремено да ги отстранат хаварисаните и отпадни возила, со цел подобрување на безбедноста, хигиената и уредноста на јавниот простор во Куманово.
Никола Ивановски

