Екстремни временски непогоди во Азија, стотици мртви, повеќемилионска штета

Сподели со своите пријатели

Екстремни временски настани ја погодија Азија ова лето во форма на екстремни топлотни бранови во Јапонија и Јужна Кореја, обилни дождови и ненадејни поплави низ Кина, Пакистан и Индија, одземајќи стотици животи и предизвикувајќи штети од повеќе милиони долари.

Во вторник, 5 август, Јапонија ја забележа највисоката температура во историјата на земјата – дури 41,8 степени беше во градот Исезаки, објави денес Би-Би-Си, додавајќи дека според податоците на градската медицинска служба во Токио, од средината на јуни до крајот на јули, најмалку 56 лица починале од топлотен удар.

Поради високата температура, властите беа принудени да суспендираат некои железнички линии од страв дека шините ќе се деформираат поради топлината.

Во исто време, во Јужна Кореја, во јули беше забележана рекордна серија од 22 „тропски ноќи“, кога температурата ноќе беше повисока од 25 степени.

Како што објаснува Би-Би-Си, ситуацијата во Кина и околните земји е сосема спротивна – поплавите низ целата земја одземаат животи и уништуваат инфраструктура.

Во јужна Кина, реките се излеаја од своите корита, а стотици летови беа откажани или одложени во Гуангжу, каде што поплавените улици го влошуваат ширењето на вирусот чикунгуња.

Пакистанската невладина организација „Спасете ги децата“ изјави дека најмалку една четвртина од училиштата во покраината Пенџаб се оштетени.

Во индиската федерална држава Утаранчал, повеќе од 100 лица се водат како исчезнати по таканаречениот „облачен налет“, ненадеен локален пороен дожд што предизвика ненадејни поплави.

Во Пакистан, од јуни до денес, речиси 300 лица, меѓу кои повеќе од 100 деца, починаа поради поплави.

Хонг Конг, исто така, забележа рекорд – повеќе од 350 мм дожд паднаа за еден ден, што го собори рекордот, а како што објави Би-Би-Си, градот добива просечно 2.400 мм дожд годишно.

Како што истакнуваат научниците, честите форми на екстремно време се резултат на климатските промени, а проценетата штета во погодените региони изнесуваше вкупно два трилиони американски долари.