Поради нападите со украински беспилотни летала, едни од најдлабоките на руска територија во повеќе од три години војна, производството во Институтот за развој на напредни системи за електронско војување во Чувашија е привремено суспендирано, изјави во понеделник руски функционер.
Во нападот на подрачје оддалечено околу 1.300 километри од границата со Украина нема жртви, изјави гувернерот на тој регион, Олег Николаев, во објава на Телеграм.
Сепак, донесена е одговорна одлука за привремено суспендирање на производството со цел да се обезбеди безбедноста на вработените во компанијата ВНИИР каде што паднаа беспилотните летала, рече Николаев.
Сè уште не е јасно дали беспилотните летала предизвикале материјална штета.
Николаев рече дека уште еден дрон паднал на полињата во областа на главниот град на Чувашија, Чебоксари.
Украинската војска објави во понеделник на Телеграм дека „најмалку два дрона“ го погодиле објектот на ВНИИР, компанија специјализирана за производство на опрема за навигација што се користи во беспилотни летала за напад, водени воздушни бомби и високопрецизно оружје.
Украинската армија објави дека нападот со беспилотни летала предизвикал голем пожар во објектот на ВНИИР.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите за нападот.
Руското Министерство за одбрана, кое само известува колку беспилотни летала се уништени, а не колку биле лансирани од Украина, објави на Телеграм дека нивните единици собориле два беспилотни летала над Чувашија.
Вкупно, како што е наведено, системите за воздушна одбрана над Русија уништиле 49 украински беспилотни летала преку ноќ.
Киев често тврди дека нападите врз територијата во Русија, насочени кон уништување на инфраструктурата, се клучни за воените напори на Москва и се одговор на континуираните напади на Русија врз Украина.
Рускиот научно-истражувачки, дизајнерски и технолошки институт ВНИИР со експериментално производство во Чувашија е на списокот на санкции на САД, според веб-страницата на Министерството за финансии на САД.
Во украинскиот напад со беспилотни летала врз регионот Воронеж, кој граничи со Украина, е оштетен гасовод, со што е прекинато снабдувањето со гас на 22 клиенти, објави гувернерот на регионот, Александар Гусев, на Телеграм во понеделник.
Украинската армија во понеделник објави дека соборила два авиона во руската воздухопловна база Саваслејки.
Според првичните информации, биле погодени два непријателски авиони (веројатно МиГ-31 и Су-30/34), соопшти армијата на Телеграм.