Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека нема спор дека Полска ќе собори руски воени авиони ако го нарушат нејзиниот воздушен простор и летаат без дозвола над полска територија.
„Сакам многу јасно да кажам: Без дискусии, ќе донесеме одлуки за соборување…, нема што да се дискутира“, изјави Туск пред новинарите во Шераковице во Поморското Војводство.
Сепак, тој предупреди дека во нејасни ситуации треба внимателно да се размисли пред да се донесе одлука и како пример го наведе тоа што минатата недела два руски МИГ-а летаа ниско над полската нафтена платформа Петробалтик на Балтичкото Море, ја прекршија забраната за летање над платформата, но не го нарушија воздушниот простор на Полска.
„Во таков случај, мора да се консултираме со нашите сојузници“, рече Туск, бидејќи „Полска мора да биде 100 проценти убедена дека и нејзините сојузници го гледаат“ конкретниот случај за да „нема да бидеме сами ако конфликтот ескалира“, рече Туск.
Тој рече дека продолжува потрагата по остатоците од руските беспилотни летала што паднаа длабоко во полскиот воздушен простор ноќта на 10 септември, дека „Русите не кажаа колку имало“, а досега е утврдено дека ниту едно од пронајдените не било вооружено и не можело да предизвика штета.