Големиот конфликт меѓу Русија и Украина се повеќе се сели на анектираниот полуостров Крим.
Ова стратешки клучно место е честа цел на напади и за Русите и за Украинците, од кои последниот беше насочен кон мостот на Крим.
Овој мост, познат и како „гордоста на Путин“, бидејќи рускиот претседател наредил негова изградба кога го анектираше Крим, е важен за линиите за снабдување бидејќи го поврзува полуостровот со Русија.
Украинците се свесни за тоа, па мостот е честа мета на напади, иако Киев официјално не сака да признае дека стои зад нив.
Рускиот национален антитерористички комитет објави дека Кримскиот мост бил нападнат од два украински дрона во понеделникот во 03:05 часот.
Ваквите наводи ги потврдува изјавата на неименуван извор од безбедносната служба на Украина, додека официјален Киев ниту ги потврди ниту ги демантираше наводите за вмешаност.
Во нападот загинаа две лица, млад брачен пар, а повредена е нивната малолетна ќерка.
„Поради извршениот терористички акт оштетена е патната компонента на мостот на Крим. Во исто време, двајца возрасни загинаа, а едно дете е повредено“, се вели во соопштението на Рускиот национален антитерористички комитет.
Инспекторите ги идентификуваат инволвираните во организацијата на „терористичкиот чин“ од редовите на украинските специјални служби и вооружени формации, соопшти прес-службата на Истражниот комитет.
Патниот сообраќај преку мостот на Крим вчера беше во прекин, а железничкиот сообраќај беше обновен во текот на денот.
Изворот тврди: Украинците го нападнаа мостот
Во исто време, Би-Би-Си ја пренесува изјавата на неименуван извор од безбедносниот сектор на Украина, кој потврдува дека зад нападот стои Киев.
„Мостот беше нападнат од дронови од површината на водата. Беше тешко да се стигне до мостот, но на крајот беше можно“, изјави неименуваниот извор.
Со соопштение за нападот на мостот на Крим се огласи и украинската служба за безбедност, во која отворено не признаа дека зад инцидентот стои нивната агенција, но во соопштението се навестува улогата на Киев во него.
„Сите детали во врска со експлозијата ќе бидат објавени откако Украина ќе победи во војната“, рекоа тие.
Во меѓувреме реагираа и бројни руски функционери, меѓу кои и портпаролката на МНР Марија Захарова.
Таа, како и официјална Москва, ја обвинуваат Украина за нападот.
Захарова: До сите инволвирани странски служби
Захарова изјави дека одлуката за напад на мостот на Крим ја донеле украинските власти и армијата, со, како што наведе, учество на американски и британски разузнавачки служби.
„Нападот на мостот на Крим го изврши киевскиот режим. Овој режим е терористички и ги има сите белези на меѓународна организирана криминална група“, напиша Захарова на Телеграм.
Таа додаде дека одлуките ги носат украинските официјални лица и војската, со „директна вклученост на американските и британските разузнавачки агенции и политичари“.
Напади на мостот
Кримскиот мост беше тешко оштетен на 8 октомври минатата година кога експлодираше цистерна со гориво и уништи голем дел од патот.
На почетокот на овој месец, заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар, го даде најјасното признание досега дека украинските сили се одговорни за нападот во октомври.
„Пред 273 дена (ние) го започнавме првиот удар на мостот на Крим за да ја нарушиме руската логистика“, објави Маљар на Телеграм на 9 јули, наведувајќи ги достигнувањата на Украина од почетокот на руската инвазија.
Зошто е важен мостот?
Оваа речиси 20-километарска градба, позната и како мостот Керч, е најдолгата во Европа и носи и патен и железнички сообраќај.
Исто така, служи како витален логистички центар за војската на Москва во нејзината војна против Украина.
Мостот има огромно стратешко и симболично значење за Русија, која ја изгради структурата по цена од околу 3,7 милијарди долари откако Москва илегално го анектираше Крим во 2014 година.
Мостот е клучна артерија за снабдување на Крим со дневни потреби и залихи за војската, покрај гориво и стоки за цивилите.
Руските воени конвои редовно го користеа мостот за да ја поддржат целосната инвазија на Украина – транспортирајќи возила, оклоп и гориво.
Поради линиите за снабдување, но и личната суета, јасно е зошто мостот е важен за Владимир Путин.
Од друга страна, украинските власти не кријат дека сакаат да ја вратат контролата врз полуостровот.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, пред неколку месеци даде јасна изјава – „почна на Крим, и таму ќе заврши“.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.