Бомбашот самоубиец, кој уби 101 лице во џамија во северозападен Пакистан, бил маскиран во полициска униформа и затоа не предизвикал сомнеж кај безбедносните сили, кои не го претресувале, изјави денеска началникот на полицијата во Пешавар Моазам Јах Ансари.
„Да, признавам дека тоа беше безбедносен пропуст и ја преземам одговорноста за тоа“, рече Ансари.
Тој на прес-конференција рече дека напаѓачот е идентификуван и дека полицијата е блиску до апсење на членовите на мрежата зад нападот во понеделникот, кој беше еден од најсмртоносните досега во Пешавар, главниот град на провинцијата Хајбер Пахтунхва, пренесе АП.
Во експлозијата се урна покривот на џамијата стара 50 години, при што загинаа 101 лице, главно полицајци, а 225 лица беа повредени.
Десетици полицајци се приклучија на мировниот марш организиран од членови на граѓанските групи во Пешавар во средата, барајќи заштита од припадниците на безбедносните сили.
Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мохамед Асиф, ги обвини пакистанските талибанци (ТТП) дека го извршиле нападот неколку часа по експлозијата, велејќи дека тие дејствувале од соседна авганистанска територија, а ТТП подоцна ја презеде одговорноста, а потоа главниот портпарол на групата изјави дека ТТП не напаѓа џамии.
Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф ги посети повредените во болница во Пешавар по нападот и вети остра акција против оние што стојат зад нападот.
Авганистанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки во средата побара од пакистанските власти да бараат причини за милитантното насилство во нивната земја, наместо да го обвинуваат Авганистан.
Повеќе од 300 верници се молеа во сунитска џамија во понеделникот кога нападна бомбаш-самоубиец.
Насилството се зголеми во Пакистан откако авганистанските талибанци ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, кога американските и трупите на НАТО се повлекоа од земјата по 20 години војна.