Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека имал разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц за потребата од итен состанок на групата Г7.
„Се договорив со Шолц Германија, која е претседавач со Г7, да свика итен состанок. Мојот говор е планиран и ќе кажам се за терористичките напади на Руската Федерација. Разговарав и со Шолц за зголемување на притисокот врз Русија и помошта поради уништената инфраструктура“, напиша Зеленски на Твитер по денешниот руски напад врз неколку украински градови.
Тој рече дека разговарал и со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Разговаравме за зајакнувањето на нашата противвоздушна одбрана, потребата од посилна европска и меѓународна реакција, како и зголемен притисок врз Руската Федерација. Франција цврсто стои до Украина“, рече Зеленски.
Украинските власти соопштија дека утринава Русија извршила воздушни напади врз неколку украински градови, вклучително и Киев, каде, според полицијата, загинале најмалку пет лица, а 12 се ранети.
Украинскиот Генералштаб истакна дека Русија истрелала 75 крстаречки проектили, а дека 41 биле соборени.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.