300 морски желки пронајдени мртви крај мексиканскиот брег

Сподели со своите пријатели

Масовно угинување на желки е забележано на брегот на Пацификот во Мексико, а прелиминарните извештаи покажуваат дека причината за нивното угинување е нелегалната рибарска мрежа.

Претставник на мексиканското Министерство за животна средина потврди дека на плажата Моро Ајута во Оахака се пронајдени најмалку 300 маслинови желки (Lepidochelys olivacea), објави Би-Би-Си.

 

Посебно е трагично што се работи за маслинови желки бидејќи Меѓународната унија за зачувување на природата го наведе овој вид како ранлив.

Не само што нивната популација се намалува, според IUCN, туку тие се географски поспецифични од другите видови и се гнездат само во мал број области.

Плажата на која се пронајдени нивните тела е едно од познатите места каде ги носат јајцата.

 

 

Експертот за желки Ернесто Албавера Падила за локалните медиуми изјавил дека сите пронајдени тела на желки биле женски, пренесува Би-би-си.

Фаќањето морски желки е забрането во Мексико од 1990 година, а убивањето на овие суштества е строго казниво дело.