Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вчеравечер заврши 23то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, а честа да ја затвори манифестацијата ја имаше Театар Куманово со претставата „Солдат“.
Директорот на установата Сашо Тодоровски е задоволен од реализираното со оглед на условите во кои годинава се играа претставите.
– Да се заблагодарам на публиката која максимално ги почитуваше сите мерки кои беа предвидени, а исто така се извинуваме на сите оние кои не успеаја да дојдат до билет и се надеваме дека идната 2021 година ќе биде исто така успешна и ќе можеме да се видиме во некои поинакви услови, изјави Тодоровски.
Во дуодрамата „Солдат“ играа кумановските актери Марко Трајковиќ и Сања Русевска, кои од публиката беа наградени со громогласен аплауз.
Како што вели Трајковиќ, тешко е да се игра во услови на пандемија, бидејќи мора да се запазат сите протоколи.
– Со оглед дека е театар во време на пандемија, малку ни е паднат стандардот од минатогодишната „Бегалка“, сега излеговме со дуо драма, но сепак сме пријатно изненадени од реакциите на публиката, така да мислам дека доста добро поминавме и земајќи предвид дека во Куманово мислам дека измисливме нов жанр на театар последната година, а тоа се концептуални фундус претстави, така да мислам дека супер поминавме и со ова, изјави Трајковиќ.
Воодушевена од реакциите на публиката беше и актерката Русевска, која истакна дека е многу тешко да се исполнат очекувањата на публиката кои секоја година се најголеми токму за претставата на Театар Куманово.
– Многу е тешко, секогаш сме под голем притисок и паника. И сега кога бевме во овој процес секој ден се прашувавме дали е смешно, како ќе биде, но на крајот оставивме дека сепак е претстава, дуо драма е, многу е потешко кога се двајца на сцена да држат внимание и што е до нас ние го дадовме нашиот максимум и во режија и во актерска игра и целокупната екипа што учествуваше во проектот, така да мислам дека трудот секогаш на крајот се исплати, изјави Русевска.
Претставата „Солдат“ репризно ќе се игра во вторник на сцената во Театар Куманово, а сите четириесетина билети ќе бидат поделени бесплатно преку страницата на Фејсбук.
Никола Ивановски