Во текот на изминатиот месец, како што информираат од Царинската управа на Република Северна Македонија, на граничниот премин Табановце во два одвоени случаи запленети се 369 парчиња облека и 4 женски ташни.
– Вкупно 244 парчиња машка и женска облека (чорапи, маици, долна облека, бермуди фармерки, панталони, блузи и јакни), биле откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во две најлонски кеси сместени во багажникот и две најлонски кеси сместени позади предните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена прекршочна постапка, информираат од Управата.

Во вториот случај 125 парчиња женска облека (палта, блузи, фустани, маици, кошули, елеци, мантили, тренерки и друго) и 4 женски ташни, откриени при контрола на македонски автобус, кој сообраќал на редовна линија Фрајбург – Битола, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени во четири најлонски вреќи сместени во просторот наменет за алат, се привремено задржани, а против возачот, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена соодветна постапка.