10 дами успешно прават добивки – ланскиот заеднички профит им бил 24 милиони евра

Сподели со своите пријатели

Пари анализа: Кои се најпрофитните компании каде жена е стопроцентен управител

Loading...

 Во светот, за жал, женскиот труд сѐ уште се цени помалку од машкиот, а и на менаџерските позиции жени има помалку отколку мажи. Порталот Пари, со цел да го мотивира женското претприемништво, ги открива имињата на 10 дами кои се стопроцентни управителки на компании.

Податоците покажуваат дека тие лани успеале да изменаџираат компании кои направиле вкупна добивка од над 24 милиони евра, при што сите компании работеле подобро отколку во претходната година.

Во 2020 година, истите компании реализирале над 13 милиони евра добивка. Работењето на компаниите во 2022 година, очекувано, е подобро од работењето во 2020 година. И податоците од националната статистика покажуваат раст на БДП од 4 проценти во 2021 во однос на 2020 година.

Сепак, овие компании покажале исклучително висок годишен раст на добивката. Вкупниот раст на сите 10 компании е дури 84,6 проценти.

Според структурата на компаниите, може да се види дека жените успешно работат во разни дејности – фармацевтско-здравствениот сектор, трговијата, нафтената индустрија, металната индустрија…

 

ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ДОБИВКИ СО КОИ УПРАВУВААТ ЖЕНИ

КОМПАНИЈА УПРАВИТЕЛ ДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА (ВО ЕВРА) ДОБИВКА ВО 2020 ГОДИНА (ВО ЕВРА)
БИОТЕК АНКИЦА СИНАДИНОВА-БАЗЕРКО 3,7 милиони 2,5 милиони
СТОКОМАК ЃУРЃА ГЕОРГИЕВА 3,6 милиони 3 милиони
ПУЦКО ПЕТРОЛ БОЖАНКА ГРОЗДАНОВА 3,59 милиони 2,7 милиони
МЕТАЛОПРОМЕТ МАЈА ШАПКОВСКА 3,13 милиони 255 илјади
АВТОНОВА ЖАКЛИНА БОШЕВА 2 милиони 1,25 милиони
МАГНА ЕУРОПЕ МИРЈАНА ЈОВАШЕВИЌ 1,9 милиони /
СТАРКОН ШИПИНГ ЈУЛИЈА ЦРВЕНКОВСКА 1,66 милиони 435 илјади
СИНЕРЏИ МЕДИКАЛ ТАТЈАНА ВЕЛИЧКОВСКА 1,65 милиони 1,28 милиони
КАМЧЕВ ГРУП ТАЊА КАМЧЕВА-ЛАЗАРЕВИК 1,59 милиони 1,45 милиони
РАМСТОР МАКЕДОНИЈА ДАНИЕЛА АДЕМОСКА 1,37 милиони 300 илјади

 

Loading...

КОИ СЕ КОМПАНИИТЕ СО МОЌНИТЕ МЕНАЏЕРКИ?

Компанијата Биотек е основана во 1999 година со основна дејност работа со медицински потрошен материјал и опрема за клинички и индустриски сектор. Во 2015 година, Биотек го прошири своето работење и отвори ланец лаборатории во

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ковачевски: Европскиот проект е најважен за иднината на државата, да не подлегнеме на провокациите!

Скопје. Сега, пак, на 2 декември, компанијата отвори поликлиника во центарот на Скопје.

„Како едни од лидерите во медицинската област голема чест и предизвик ни претставува да отвориме нова гранка во нашето работење, Биотек Поликлиника. Се потрудивме да им обезбедиме на нашите пациенти врвни доктори, современа опрема и ординации, каде ќе бидат сигурни дека нивното здравје е во вистинските раце“, изјави директорката на Биотек ‒ Анкица Синадинова–Базерко, која е регистрирана и како единствен управител на компанијата.

Минатата година, Биотек остварил добивка од 3,7 милиони евра, што е за 1,2 милиони повеќе отколку во 2020 година.

Стокомак е компанија што сите ја знаат. Многумина таму пазарат најчесто, но најзаслужна за развојот на овој трговски синџир е жена. Управителка на компанијата е Ѓурѓа Георгиева.

Стокомак ја завршил 2021 година со добивка од 3,6 милиони евра, додека добивката во 2020 година била 3 милиони евра.

Компанијата Пуцко петрол веќе долги години „плива“ во бизнисот со нафта. Многу често за неа се зборува и како добитник на државни тендери. Нејзин основач е Исмаил Јахоски, кој беше градоначалник на Општина Пласница. Тогаш тој често одговараше на новинарски прашања за тоа дали постои судир на интереси во врска со неговата компанија, добивањето на тендерите и градоначалничката функција. Одговорот беше дека во државава има закони, по нив се постапува и сѐ може да се провери. Потоа, тој го предаде бизнисот во рацете на својот син, Асмир Јахоски. Но, интересен податок е што како управител на компанијата се јавува Божанка Грозданова, за која во јавноста не се знае ништо. Но, ако се прeбара ова име на интернет, излегува еден интересен податок, нејзиното име е споменато во Надзорен одбор на ЗК Кичево, заедно со името на Асмир Јахоски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од денеска поскапо гориво во регионот: Каде најмногу скокнаа цените?

Со Грозданова на чело, Пуцко петрол лани бил во плус речиси 3,6 милиони евра, што е за околу 900.000 евра повеќе отколку во 2020 година.

Loading...

Металопромет е присутен на пазарот уште од 1972 година. Фирмата е основана во Струмица од г. Мите Шапковски. Основна дејност на компанијата е производство на заварени цефки и профили. Шапковски во својата работна кариера многу го проширил својот бизнис, па негов е и познатиот хотел Сириус во Струмица. Во 1991 година, Металопромет ја отвора првата приватна бензинска пумпа во Македонија за продажба на нафта и нафтени деривати. Неговата ќерка, Маја Шапковска, е управителката на фирмата која е на четврто место по добивка на листата на фирми кои имаат еден управител – и тоа жена. Добивката на оваа компанија лани била над 3,1 милион евра, што е огромен скок во однос на 2020 година, кога изнесувала само 2550.000 евра.

Автонова е увозник на возила од палетата на ситроен. Порталот Пари веќе пишуваше дека компаниите кои продавaат автомобили лани покажале и поголеми приходи и поголеми добивки во однос на 2020 година (https://pari.com.mk/makedoncite-ne-shtedele-za-kupuvanje-nov-avtomomobil/). Автонова е на трето место по добивка, а на четврто место по приходи меѓу компаниите од бизнисот со продажба на возила. Лани компанијата остварила добивка од 3 милиони евра, а преклани од 1,25 милиони евра. На чело на компанијата е управителката Жаклина Бошева.

Магна е глобална групација од автомобилската индустрија со седиште во Канада, а седиштето за Европа ѝ е во Виена. Во 2021 година има голема добивка, 1,9 милиони евра.. Компанијата на 12 октомври годинава свечено го одбележа отворањето на првата фабрика во Македонија, во Струга. Управителка на компанијата во 2021 година е Мирјана Јовашевиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Претседавачот со ОБСЕ Османи на работни средби во Брисел со Борел, Џоана и Лајчак

„Новата фабрика на Магна во Струга е првиот производствен капацитет на компанијата во Северна Македонија и ќе поддржува неколку европски производители на автомобили. Со површина од приближно 17.000 квадратни метри, фабриката започна со работа на почетокот на оваа година, со повеќе од 300 вработени и се очекува да достигне до 1.000 вработени во текот на 2024 година, согласно со планираното зголемување на бизнисот“, беше соопштено тогаш.

Старкон шипинг е официјален подагент на COSCO SHIPPING LINES (Грција)

и е одговорен за регионот на Северна Македонија, Албанија и Косово. Управителка на компанијата е Јулијана Црвенковска, која менаџира и со нето-добивка од 1,66 милиони евра остварена во 2021 година, значително повеќе од профитот во 2020 година, кој бил 435.000 евра.

Компанијата Синерџи медикал постои од 2005 година. Нејзина дејност се медицински материјали и во континуитет учествува на огласите за јавни набавки и склучува договори со јавните здравствени установи. Податоците од 2021 година покажуваат дека управителка е Татјана Величковска, која изменаџирала профит од 1,65 милиони евра.

Како единствен управител на Камчев груп се јавува Татјана Камчева-Лазаревик. Но, добропознатиот трговски ланец КАМ си има своја посебна сметка, а и таму во менаџирањето е Камчева-Лазаревик. Групацијата Камчев лани направила речиси 1,5 милиони евра, додека само КАМ околу 5 милиони евра.

Loading...

Минатата година била многу добра за Рамстор. На чело на компанијата застана Даниела Адемоска, откако нејзиниот татко, познатиот бизнисмен Ајдоан Адемоски, го купи Рамстор преку својата фирма Сити плаза холдинг. Лани Рамстор направил профит од 1,37 милиони евра, а преклани бил во плус само 300.000 евра.

Целата анализа е достапна на следниот: https://pari.com.mk/10-dami-uspeshno-pravat-dobivki-lanskiot-zaednichki-profit-im-bil-24-milioni-evra/